Вести

Лазаров и Велковски: Посакуваме нов европски триумф со РК Алкалоид

-->

РК Алкалоид се насочува кон новиот европски предизвик во EHF Европската лига каде нашиот тим е пред портите на четврт-финалето. Ни следи реваншот со италијанскиот клуб РК Бриксен, против кого славевме со високи 12 гола разлика на првата меѓусебна средба во Италија.

Како увертира на вториот меѓусебен меч кој ќе се игра во Скопје, РК Алкалоид одржа прес-конференција на која пред медиумите говореше тренерот Кирил Лазаров. Нашиот стратег ќе ги има сите посакувани играчи на располагање, а амбициите се секогаш високи – да се победува.

„За мене малку неочекувано во овој период на годината, дојдовме до висока и убедлива победа прротив квалитетен ривал од Италиа. Знаеме дека нивниот ракомет е во подем како репрезентативен така и клупски, така што високата гол-разлика е неочекувана. Одигравме еден квалитетен меч, ни одеше се од рака и резултатот од Италија не е реален. Се одлепивме во последните минути, во 50 минута беше само четири гола предност, па така нема да го потцениме ривалот, иако можам да кажам дека сме поквалитетен противник од нив. Ракометарите одиграа одлично, ни следува реванш во Скопје, со истиот противник. Сакам и очекувам да победиме, заради нашиот рејтинг и македонскиот ракомет. Доста добро се подготвивме за овој натпревар и спремни ќе го дочекаме натпреварот против Бриксен.

Искуството ми вели дека треба да се фокусираме на секој следен противник, така што сега ни е Бриксен од Италија. Распоредот е таков и мораме да го прифатиме овој предизвик. Знаеме дека против Еурофарм Пелистер ни следи меч, но мора да одиграме максимално со секого. Се уште немаме одлучено како ќе играме. Ќе видиме како ќе не води мечот, така ќе се однесуваме во сабота. Со мислите ќе бидеме во Битола, но мора прво да си ја завршиме задачата. Не сакам да дојде до некои непромислени работи со кои би ја загубиле самодовербата.
Доста разговараме на таа тема, затоа што имаме голема предност. Посакуваме да добиеме понеатрактивен ривал, во еден сад мислам дека има понеквалитетни ривали, иако сите што се во ТОП-8 се квалитетни и на високо ниво, од нивото на Европската лига на ЕХФ.“, изјави Лазаров.

Во име на РК Алкалоид пред новинарите зборуваше и десниот бек Мартин Велковски, кој по одличното Светско првенство со Македонија целосно му се стави на располагање на клубот и продолжи да игра во ист ритам.

„Пред нас е реванш со вицешампионот на Италија. Резултатот на крајот беше со висока разлика, но не беше така текот на мечот. Ривалот игра модерен и брз ракомет, но ние сме поквалитетни, можеме да дојдеме до уште една победа. Ја повикувам публиката да не бодри и заеднички да го славиме пласманот во четвртфиналето. Мечот во Италија имаше многу голови затоа што се играше со високо темпо. Тешко е да се игра и поквалитетна одбрана со мислата да има повеќе голови. Мислам дека и овој меч во Скопје ќе биде во исто темпо како оној во Италија и ќе има повеќе голови““, изјави Велковски.

За РК Алкалоид, мечот против РК Бриксен во Скопје ќе биде шести во еврокуповите оваа сезона. Во рамки на EHF Европскиот куп, покрај што нашиот клуб победи во Италија со 44:32, во претходните двомечи со по две победи бевме подобри од РК Вест Виена од Австрија (38:27 и 32:29) и РК Драгунас Клаипеда од Литванија (42:31 и 37:31).

Натпреварот меѓу РК Алкалоид и РК Бриксен се игра во сабота со почеток од 18:00 часот во салата „Автокоманда“.