Вести
ЛАЗАРОВ: Мора да бидеме многу внимателни со Бриксен

РК Алкалоид вечерва ќе го одигра првиот натпревар од 1/8 финалето на ЕХФ Европскиот Куп, на кој противник е италијанскиот претставник ССВ Бриксен.
Натпреварот ќе се игра со почеток од 19:00 часот, но домаќниот нема да го пренесува овој меч.
Кирил Лазаров за овој прв дуел поведе 16 ракометари во Италија, спремни за пресметката со Италијанците кои веќе одработеа еден загревачки тренинг пред натреварот.
„Имавме доста материјал за Бриксен и доста се посветивме на нив. Знаеме дека се работи за искусна екипа што игра долго време заедно, знае што сака и што прави во секој момент на теренот. Играат со не повеќе од осум до девет играчи, а тоа значи дека добро се воиграни и затоа мора да бидеме многу внимателни.
Тоа што играат со осум до девет играчи од една страна е предност за Бриксен затоа што се воиграни и со поглед може да се договорат што да прават, од друга страна, пак, може и да е мала предност за нас затоа што ние имаме повеќе играчи на располагање и сме побрзи.
Добро е што првиот меч го играме на гости, тоа е еве една мала предност за нас ќе речам, затоа што реваншот ќе го играме дома и ќе можеме во нашата сала пред нашата публика да го бараме потребниот резултат.
Треба да имаме предвид и дека италијанскиот ракомет е во подем, со она што го прикажа нивниот национален тим. Ние нема да потцениме никого во ниту еден случај, ќе одиме со 100%. Мислам дека екипата е добро подготвена, водиме грижа сите играчи да бидат во ред, посебно тие што играа на Светското првенство“, изјави тренерот Кирил Лазаров.