Вести

Лазаров: Нашата цел e пласман во следната рунда, но мора да сме внимателни

-->

По успешниот старт на сезоната во кој екипата комплетираше 14 победи по ред меѓу кои и два натпревари од Европскиот ЕХФ Куп против литванскиот претставник Клаипеда Драгунас, РК Алкалоид се наоѓа пред вториот европски предизвик сезонава.
Во третото коло, последно што се игра во 2024 година, РК Алкалоид на два натпревара ќе се бори за пласман во 1/8 финалето против екипата на Вест Виена од Австрија.

Вест Виена е клуб со богата, речиси 80 годишна традиција и вредни резултати во кои се запишани и шест шампионски титули во домашното првенство едно полуфинале во Лигата на шампионите на ЕХФ.
Последната шампионска титула ја освоија во 2023 година, но соочен со економски проблеми, клубот истата сезона се повлече од најсилното натпреварување.
Веднаш успеа да се врати во најсилната конкуренција, а во процесот го освоија и Куп на Австрија со што се здобија со право да настапат во годинешниот ЕХФ Европски Куп.
Во второто коло, Вест Виена играше два натпревари на Фарски острови против екипата на Вестмана ИФ. На првиот меч победија со 29-22, разликата ја одбранија на реваншот што го загубија со 30-34.

Двата натпревари ќе се играат во салата „Автокоманда“. Во петок (29 ноември) и сабота (30 ноември). Двата натпревари се закажани со почеток од 19:00 часот.
РК Алкалоид денеска одржа прес конференција на која двомечот го најавија тренерот Кирил Лазаров и ракометарот Мартин Серафимов.

„Второто коло го поминавме против незгодна литавснка екипа. Сега добивме за противник доста воиграна екипа, која е составена од младински репрезентативци од Австрија, тим против кого нашите младинци одиграа ова лето нерешено.
Противникот е технички добро подготвен и трча многу добро. За нас како тим тоа ќе биде одлично бидејќи играме ист ракомет. Гледачите во рок од 48 часа ќе можат да гледаат два добри мечеви. Наша цел е победа, но за тоа треба да одиграме. Мораме да бидеме максимално сериозни во пристапот, наша цел е да го надоградуваме нашиот систем. Се надевам дека ќе има што повеќе публика во Автокоманда. Овие момци во периодот во кој измина заслужија да имаат поддршка особено на европски натпревари“, изјави Кирил Лазаров.

На прес-конференцијата мечот го најави и Мартин Серафимов, кој исто така најави дека нивната цел е победа на двата меча.

„Успешниот старт на Европскиот Куп, ни следат два меча на домашен терен со Вест Виена. Подготвени сме да ги исполниме обврските и да го прифатиме предизвикот и секако да ги добиеме натпреварите. Се надевам дека ќе има поддршка од публиката“, рече Серафимов.