Вести

Литвански противник за РК Алкалоид во ЕХФ Куп

-->

Во својата втора европска сезона РК Алкалоид ќе ја претставува Македонија во европскиот ЕХФ Куп, натпреварување што се игра по систем на елиминации, а стартува со 84 екипи кои денеска беа поделени во две кола и ги добија противниците за своите први елиминациски битки.

РК Алкалоид како најдобро рангирана македонска екипа од Македонија во ова натпреварување, почнува од второто коло, а во денешната ждрепка беше во улога на носител.
Првиот противник на РК Алкалоид во новата европска сезона ќе биде екипата на Драгунас Клаипеда од Литванија.
Драгунас (Змејови) е вториот најуспешен литвански клуб од осамостојувањето. Овој клуб во 2010 година ја прекина доминацијата на Гранитас Каунас кој освои 17 шампионски титули за 19 години. Шампионската ера на Драгунас траеше сѐ до првенството 2020 година кое беше прекинато поради Ковид. За тој период од 10 сезони, освоија девет шампионски титули.
Во 2021 на сцената се појави екипата на Швиеса и таа е литвански првак во последните три сезони. Во последната одиграна, пак, во финалето со 3-1 беа подобри токму од Драгунас.
Во клупската историја, Драгунас има освоено шампионски пехар и од Балтичката лига (2021). Во моментов тројца ракометари на Драгунас се на скратениот список на репрезентативци на Литванија. Четири позиции им се пополнети со странски ракометари. Голман, пивот и два леви бека, сите од Украина.

Натпреварите од второто коло во ЕХФ Куп ќе се играат во периодот од 19/20 октомври и 26/27 октомври возвратните натпревари. РК Алкалоид на првиот меч ќе биде домаќин во Скопје.