Вести

МИТЕВ И ЃОРГИЕВ: Бриксен е сериозен тим, ни следи тежок меч

-->

РК Алкалоид вечерва почнува нова епизода во својата европска клупска историја. РК Алкалоид во 1/8 финалето на ЕХФ Европскиот Куп, вечерва во салата „Јужен Бриксен“ ќе се сретне со домашниот ССВ Бриксен на првиот од двата дуела што ќе го дадат патникот во 1/4 финалето.
Тренерот Кирил Лазаров имаше доволно време и материјали за да ја подготви екипата за вечерашната прва средба, а од тоа што беше видено и анализирано, заклучокот е дека противникот е сериозен тим. Во нивниот состав има неколку странски ракометари кои се и носители на играта, а Италијанците главно се играчите од ротацијата. Не користат многу играчи, но играат со брза транзиција и можат да го издржат темпото.

„Се подготвувавме речиси цела недела за овој меч. Очекувам триумф, иако нема да биде лесно затоа што Бриксен е искусна екипа во која има седум до осум играчи кои играат скоро цела средба. Исто така се и доста брзи, даваат над 30 гола, па би требало да ни следи доста брз меч во висок ритам, тежок за играње.

Наша предност е што имаме поширок ростер, не е лесно да се трча цел натпревар, ама од друга Бриксен на досегашните натпревари го издржа тоа темпо. Не би можел точно да ја споредам некоја наша екипа, но според видео анализата што ја направивме, би рекол дека Бриксен е екипа што е од рангот на пример на Охрид. Но, тоа и не мора ништо да значи, заклучокот е од гледање на видео, а тоа не ја преставува реалноста и нивните можности на теренот“, вели Марко Митев.



Игор Ѓоргиев го дели мислењето со Марко Митев и тренерот Лазаров. Очекува тежок натпревар, против тим што не смее да биде потценет.


„Имавме доста време да се подготвиме за Бриксен, се работи за полетна екипа која трча добро во два правци. Нѐ чека тешка борба на двата меча, посебно во тој тркачки дел. Најголемата нивна опасност доаѓа од пивотот и двата бека кои се интернационалци од Бразил и од Аргентина, плус имаат уште неколку странски ракометари во екипата. Сепак, мислам дека добро ги анализиравме, очекувам добар меч и секако наши победи и потоа пласман во следната рунда“, изјави Игор Ѓоргиев.