Вести
Победа над ГРК Охрид за пласман во Европската лига
РК АЛКАЛОИД – ГРК ОХРИД 31-23 (15-10)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Спаско Ќаев и Глигор Ќаев. Делегат: Цане Куртовиќ
РК АЛКАЛОИД: Галевски (14 одб), Трајкоски, Петров, Маркоски 2, Стојков 2, Серафимов 6, Стојковиќ 2, М. Митев 2, Ѓоргиев 4, Симоноски 4, Омерагиќ, Тодески, Кофилоски 4, Петковски, Д. Митев 3, Савревски 3
Седмерци: 5/5 Исклучувања: 8 мин.
ГРК ОХРИД: Миленковиќ, Речкоски, К. Андоновски, Цејовиќ, Рустамов 6, Дрогришки 1, Цинцадѕе, Д. Андоновски 2, Василевски, Ристески, Тасески 4, Шешиќ 2, Каракоч 2, Бојаниќ 1, Цирар 5
Седмерци: 3/5 Исклучувања: 8 мин.
РК Алкалоид го совлада ГРК Охрид во дербито на колото и по 11 одиграни кола има предност од 15 бода пред четвртопласираниот тим со што го завери пласманот на третото место кое, пак, носи пласман во Европската лига следната евро-сезона.
Вечерва, РК Алкалоид одигра уште еден добар натпревар против охридскиот ривал. Тренерот Кирил Лазаров одново шанса да стартуваат натпревар им даде на дел од помладите ракометари, а повторно 18 годишниот голман Иван Галевски одлично ја искористи укажаната шанса и имаше двоцифрен број на одбрани меѓу кои одбранети пенали, зицери и тешки шутеви.
Иван Галевски беше стартерот што ја раздвижи екипата на РК Алкалоид која по воведните 2-2 за десет минути игра, во следните пет минути направи серија од 6-0 со која стигна до водство од 8-2, а тоа се понатаму се покажа и како клучен период за конечниот епилог и се што му претходеше во 45 минути помеѓу.
Гостинскиот состав имаше обид да се врати резултатски во игра и тоа донекаде му успеа. Со три гола во серија негативата од 2-8 ја претвори во достижен минус (5-8), но овде и беше запрен налетот на гостинскиот состав.
Нашиот тим ја врати контролата врз настаните на теренот, неколку минути се играше околу разликата од три гола, а потоа одново поведовме со поголема разлика, од пет погодоци (12-7) што ја одржавме до крајот на полувремето кое заврши со резултат (15-10).
Во второто полувреме, развојот на настаните, особено резултатски беа речиси идентични како во првиот дел. Нашиот тим поведе со 18-12, а гостите со серија од 3-0 намалија на 15-18 и тука одново беше запрен нивниот налет.
Потоа се играше посмирено, без поголеми серии на која било страна сѐ до финишот на мечот. Одново РК Алкалоид беше поконкретен во завршницата и стигна до победа од осум гола разлика (31-23).
Ова беше претпоследен меч на домашен терен за РК Алкалоид. Во следното коло му гостуваме на РК Бутел Скопје, потоа во „Автокоманда“ го пречекуваме тимот на РК Е. Пелистер 2 и во последното коло сезонава, ќе играме на гости кај РК Вардар 1961.