Вести
Победнички старт на РК Алкалоид во Охрид
РК АЛКАЛОИД – РК ДИНАМО ПАНЧЕВО 27:22 (16:9)
Сала: „Билјанини извори“ во Охрид. Судии: Михајло Илиевски и Методија Илиевски. Делегат: Славчо Ристевски
РК Алкалоид: Галевски (11 одб), Трајковски (1 одб), Џонов 1, Костески 6, Младеновиќ 1, Серафимов 5, Карасманакис, Стојковиќ 2, М. Митев 4, Велковски, Симоноски, Иваноски, Бинго 3, Оливеира 2, Петковски 2, Савревски
Седмерци: 1/1 Исклучувања: 10 мин.
РК Динамо Панчево: Чировиќ (4 одб), Косановиќ (8 одб), Колинџиќ 1, Сокритис, Арсиќ, Богдановиќ 2, Перовиќ 4, Стаменковиќ 3, Станисављевиќ 3, Ранчиќ, Стаматовиќ, Ѓуровиќ, Фејес 3, Тасиќ, Илиќ, Павловиќ 3
Седмерци: Исклучувања: 2/3 Исклучувања: 16 мин.
РК Алкалоид стартуваше со победа над РК Динамо Панчево (27:22) на третото издание на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“ што следниве четири дена ќе се одржува во салата „Билјанини извори“ во Охрид.
На премиерниот меч на турнирот РК Алкалоид имаше цврст, мотивиран и борбен противник, а средбата изобилуваше со силни дуели на двете страни.
Подобра одбрана играше РК Алкалоид, особено во првиот дел кога по почетното испитување на силите, долго време го остави противникот на само пет постигнати погодоци. Беше 6-5, а потоа следеше серија од 6:0, која го одреди натамошниот тек на натпреварот.
Откако РК Алкалоид поведе со 12-5, а првото полувреме влезе во последните 10 минути, одново се воспостави резултатска рамнотежа на теренот. Противничката екипа се обидуваше да се врати резултатски во игра и да ја намали разликата, но РК Алкалоид беше фокусиран и во нападот и во одбраната и на полувреме се замина со резултат 16:9.
Во второто полувреме, РК Динамо Панчево од првата минута, се обиде со поагресивна игра да направи резултатски пресврт, но успеаја само да намалат до четири гола негатива (16:20), во 40 минута од натпреварот.
Потоа одново за многу кратко време, РК Алкалоид поведе со 24-17 и до крајот на мечот водството не беше доведено во сериозна опасност, но мораше да вложи доста напори РК Алкалоид за тоа така и да биде.
Во 57 минута од мечот резултатот беше 27-20, а победникот одамна решен. Конечниот резултат е 27-22.
Иван Галевски имаше 11 успешни интервенции, Никола Костески со шест и Мартин Серафимов со пет погодоци беа најефикасните играчи во нашиот тим. Тренерот Кирил Лазаров имаше одлична можност да провери поголем број на ракометари.
За екипата на РК Алкалоид следи ден одмор на турнирот, а потоа во рамки на второто коло ќе игра против шампионот на Грција, екипата на Олимпијакос. Во третото коло што ќе се игра на 23 август противник ќе биде тимот на РК Ловќен, најдобриот црногорски клуб.