Вести

Прес-конференција по натпреварот РК Алкалоид – РК Драгунас Клаипеда

-->

РК Алкалоид има одлична шанса за пласман во следната фаза на ЕХФ Купот. „Сините“ во Автокоманда славеа убедливо над Драгунас Клаипеда (42:31) во првиот дуел од 2. коло во натпреварувањето. Со високата победа тимот на Кирил Лазаров обезбеди добра залиха пред реваншот кој ќе се игра во Литванија. По натпреварот, се одржа прес-конференција по која впечатоците ги сумираа тренерите на двата тима, како и по еден играч од двата табора.

КИРИЛ ЛАЗАРОВ (тренер на РК Алкалоид): „Горд сум на мојот тим, имам голем респект за Клаипеда, затоа што кажав пред мечот дека се добар тим. Никој не очекуваше вака висока победа од 11 гола. И покрај високиот триумф нема да се опуштиме, јас се уште мислам дека мора да внимаваме. Ние бевме подготвени за нивниот брз стил на игра, одговоривме добро и победивме еден не многу популарен, но добар ривал. Реваншот ќе биде тежок, посебно ако имаме лош пристап. Ова беше меч со вистински европски ритам.“

МАРТИН СЕРАФИМОВ (играч на РК Алкалоид): „Клаипеда имаше добар натпревар, така што гол разликата од овој прв дуел не значи ништо на втората средба. Контрата им беше убиствена, беше доста тешко да се наттрчуваме со нив, но на кррајот успеавме да славиме. Не чека уште еден меч, единаесет гола не мора да значат ништо, мора да останеме фокусирани и на реваншот за да си го потврдиме местото во следната рунда“

ХУАН АНТОНИО МОРЕНО РОДРИГЕЗ (тренер на РК Драгунас Клаипеда): „Честитки за Алкалоид за победата. Игравме доста брзо и ние и Алкалоид, но потфррливме во реализацијата пред голманите на ривалот. Против екипи како Алкалоид мора да играш многу подобро. Ние многу грешевме во одредени ситуации и тоа противникот не ни го прости“

КАРОЛИС СТРОПУС (играч на РК Драгунас Клаипеда): „Зад нас имаме еден тежок меч. Можеби ни фалат вакви натпревари за да бидеме порамноправни во иднина. Одигравме брз меч, се наттрчувавме со Алкалоид, дававме брзи голови, но потоа не погодивме неколку акции и целата концепција се распадна. Во некои клучни моменти не дадовме гол, ако успеевме во тоа, можеби ќе беше поианку. Но, тоа е тоа, ние одиме понатаму, за нас ова беше добро искуство и го чекаме реваншот во Литванија“