Вести

Прва европска победа за РК Алкалоид!

-->

РК АЛКАЛОИД – БМ ЛОГРОЊО ЛА РИОХА 28-27 (15-13)
Сала: „Јане Сандански“ во Скопје. Судии: Јакуб Јерлецки и Мацеј Лабун од Полска. Делегат: Владимир Јовиќ од БиХ
РК АЛКАЛОИД: Трајкоски, Галевски (17 одб), Џонов 5, Маркоски 2, Младеновиќ, Стојчевиќ, Стојковиќ 3, М. Митев 10, Ѓоргиев, Велковски 4, Омерагиќ, Бинго 2, Кофилоски, Д. Митев, Савревски
Седмерци: 0/3 Исклучувања: 12 мин.
БМ ЛОГРОЊО ЛА РИОХА: Паласиц (17 одб), Абделмоталеб, Солер 3, Пресиадо 1, Фернандез, Моди 1, Алвес 6, Заја 8, Туа 2, Уриос 1, Ортиз, Д. Кадарсо 1, Паломино, Е. Кадарсо 4
Седмерци: 2/4 Исклучувања: 14 мин.

РК Алкалоид ја запиша својата прва победа во Европа во клупската историја! Вечерва во Скопје, нашиот тим ја совлада екипата на Логроњо Ла Риоха од Шпанија (28-27) и ја заокружи деби сезоната на посакуваниот начин.
РК Алкалоид настапи без неколку играчи, отсутни поради повреди, но успеа да го одржи нивото на игра доволно високо и да ја исполни зацртаната цел.
Поведовме 2-0, но потоа гостинскиот состав ја презема контролата и поведе со 10-5. Нашиот тим покажа карактер, не подлегна на тој притисок и со голема поддршка од голманот Иван Галевски почна да се враќа во игра.


Во 24 минута израмнивме 12-12, на полувреме заминавме со водство од 15-13.
Во вториот дел нашиот тим поведе со 18-14, но и Шпанците покажаа карактер, влегоа во серија, израмнија на 18-18 и потоа почна игра на нерви, игра гол за гол.

По многу борба и вложена енергија и емоции, во финишот на натпреварот нашиот тим успеа да направи пресврт и да поведе. Во последната минута и со два гола разлика, но драматичен беше финишот.
Гостите намалија на 27-28, а потоа откако нашиот тим направи техничка грешка имаа шанса и за израмнување. Но, нашата одбрана беше на потребното ниво и го одбранивме најважниот напад и ги освоивме првите комплетни бодови.
Марко Митев со 10 постигнати гола и Иван Галевски со 17 одбрани беа најистакнатите индивидуалци на денешниот натпревар.