Вести

РК Алкалоид е во финале на група од Куп на Македонија!

-->


РК БУТЕЛ СКОПЈЕ – РК АЛКАЛОИД 24-25 (13-13)

Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Ѓоко Колевски и Сашо Кркачев. Делегат: Цане Куртовиќ
РК БУТЕЛ СКОПЈЕ: Симјановски, Субашевски, Младеновски, Стојановски, Георгиевски 1, Крстевски 3, Мојсоски, Спасовски 2, Стојчевиќ, Манасков 3, Блажевски, Јефтиќ 5, Василевски 1, Мајиќ 5, Николов 4
Седмерци: 5/7 Исклучувања: 14 мин.


РК АЛКАЛОИД: Галевски, Трајковски, Џонов 3, Петров, Маркоски 1, Младеновиќ, Серафимов 11, Стојковиќ 3, Митев 1, Ѓоргиев 1, Иваноски, Омерагиќ, КОфилоски 1, Петковски 1, Савревски 3, Д. Митев
Седмерци: 7/7 Исклучувања: 4 мин.

РК Алкалоид се пласираше во финалето на групата што се игра во „Автокоманда“ откако вечерва во натпревар со драматична завршница го елиминираше тимот на РК Бутел Скопје.
РК Алкалоид славеше минимална победа (25-24) со гол што го постигна од додавање – цепелин, во последните секунди од натпреварот. Стрелец на тој погодок беше Мартин Серафимов, најефикасниот играч на теренот со 11 постигнати голови.

Претходно во текот на целиот натпревар, нашиот тим имаше контрола врз резултатот и водство, иако таа разлика не беше висока и не гарантираше мирна завршница.
Гол за гол се играше во најголемиот дел од второто полувреме, со тоа што РК Бутел Скопје поведе само еднаш (15-14), а потоа постојано во водство беше РК Алкалоид, на моменти со два гола разлика (20-18, 22-20), на моменти со еден гол, а неколкупати резултатот беше израмнет.
Во последната минута, РК Алкалоид пропушти шанса да поведе, па напад при нерешено имаше и РК Бутел Скопје, а и тој не беше реализиран, за во последните 10 секунди по тајм аутот на тренерот Кирил Лазаров, РК Алкалоид да организира напад со додавање за цепелин што Серафимов го реализираше за победнички гол и пласман во финалето.

Утре во директниот меч за пласман на „Ф4“ турнирот од Куп на Македонија, РК Алкалоид ќе се сретне со екипата на Вардар Неготино. Неготинскиот состав денеска го елиминираше тимот на РК Прилеп (29-28).
Финалето меѓу РК Алкалоид и РК Вардар Неготино ќе се игра утре, (недела, 19.3.2023) со почеток од 18:00 часот во салата „Автокоманда“.