Вести

РК Алкалоид е во следната фаза на Европскиот Куп на ЕХФ!

-->

РК ДРАГУНАС КЛАИПЕДА – РК АЛКАЛОИД 31-37 (17-21)
Сала: „СБВ“ во Клаипеда, Литванија. Судии: Алис Ватсон и Лине Велин од Шведска. Делегати: Венцил Калев од Естонија
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ (3 одб), Галевски 1 (9 одб+ 1сед), Петров, Маркоски, Младеновиќ 1, Серафимов 7, Карасманакис, Стојковиќ 3, Митев 6, Ѓоргиев 3, Велковски 1, Симоноски, Бинго 6, Силва 3, Петковски 6, Савревски
Седмерци: 4/7 Исклучувања: 8 мин

РК Алкалоид ја оствари целта и со втора победа над РК Драгунас Клаипеда (37-31) се пласира во третото коло од Европскиот Куп на ЕХФ! Во еден меч во кој се водеше од почетокот до самиот крај, нашата екипа дојде до втората победа во второто соочување со ривалот од Литванија и така обезбеди место во следната фаза.

Нашиот тим имаше добро отворање на натпреварот, разигран од Бинго, Митев и Стојковиќ успеа да поведе со 6-2 по седум минути игра, а потоа следеа нови два гола на Петковски во мрежата на ривалот за дотогаш највисоко водство од 8-2, по кое домашниот тим побара тајм-аут. Важен играч во оваа серија беше и голманот Иван Галевски, кој запиша четири одбрани. Потоа очекувано, се разгоре битката, мечот доби ритам сличен на тој во Автокоманда и се редеа убави моменти и голови. По 15 минути игра Алкалоид водеше 15-8, а во неколку наврати стигна и до плус девет гола. По неколку грешки на двете страни, на паузата беше 21-17 за Алкалоид.

Во второто полувреме домашниот голман влезе во ритам против нашиот тим и така Драгунас Клаипеда почна да ја топи негативата. По десет минути игра во второто полувреме, заради нашата криза во нападот, ривалот дојде на два гола негатива (25-27). Сепак, офанзивата проработи кога беше најпотребно, па РК Алкалоид даде три гола во низа за 25-30 и пак обезбеди релаксирачки плус. До финишот на натпреварот, нашите ракометари не дозволија игра на нерви и не му дадоа шанса на ривалот да изненади.