Вести
РК АЛКАЛОИД ГО ОСВОИ И ОХРИД
ГРК ОХРИД – РК АЛКАЛОИД 22:29 (14:16)
Сала: „Билјанини извори“ во Охрид. Судии: Димитар Митревски и Благојче Тодоровски. Контролори: Драган Начевски и Ацо Николовски
ГРК ОХРИД: Чаневски, Ојлески 1, Мацуока, Јукиќ 2, Шипинкоски, Тасески 4, Сафранко 2, Јотиќ 1, Кукоски, Крстевски, Пешиќ 4, Кукуловски 1, Орјоникидѕе 2, Бојаниќ 1, Цирар 4, Ѓорѓески
Седмерци: 2/5 Исклучувања: 4 мин.
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ, Галевски, Џонов, Маркоски, Младеновиќ 1, Серафимов 12, Карасманакис, Стојковиќ 2, Митев 5, Ѓоргиев 1, Велковски 1, Симоноски 1, Бинго 2, Франциско 2, Петковски 1, Савревски 1
Седмерци: 8/8 Исклучувања: 8 мин.
РК Алкалоид ја продолжи победничката низа и на секогаш тешкото и непријатно гостување кај ГРК Охрид во полната сала „Билјанини извори“. Нашиот тим ја забележа 11 суперлигашка победа сезонава од исто толку одиграни натпревари или вкупно 14 победа од 14 одиграни официјални натпревари од почетокот на сезоната.
Домашниот состав се прикажа во борбено издание, но нашиот тим беше подготвен на игра со дуели и уште од почетокот почна борба за секоја топка, борба во која нашиот тим диктираше водство, но ГРК Охрид успеваше да израмни.
Играта гол за гол стана поподнослива откако кон средината на полувремето РК Алкалоид поведе со два гола разлика (9-7, 10-8), а во еден момент имаше и плус три (12-9). На полувреме се замина со резултат 16-14 во полза на нашиот тим.
Мартин Серафимов играше одлична партија, имаше 100 настотна реализација на седмерците, а постигна вкупно 12 погодоци вечерва. Марко Митев одлично се справуваше со зоната на домашниот тим, креираше игра заедно со Игор Ѓоргиев од централната бековска позиција, а мечот го заврши со пет погодоци. Важна улога што работите во второто полувреме беа на нашата страна имаше и голманот Иван Галевски кој запиша седум интервенции, а трипати не беше совладан од седум метри.
Охридскиот состав се обиде на почетокот на вториот дел со силен ритам и многу дуел игра во одбраната да ја анулира разликата, но Алкалоид успешно се справи со овој предизвик и по 20-18, откако домашните не успеаја да го скршат нашиот отпор, ја презема играта и премина во контраофанзива. Следеше серија од 4-0, водство од 24-18 и потоа со рутинирана игра, доволно внимателна да не се дозволи серија на противничкиот состав, го одведе натпреварот кон крајот.
РК Алкалоид имаше и максимални девет гола разлика во финишот на натпреварот (29-20), а средбата заврши со резултат 22-29.
Следниот натпревар на РК Алкалоид е одново на гостински терен. Во рамките од 12 коло, по втор пат сезонава силите ќе ги одмериме со екипата на РК Вардар 1961, овој пат во салата „Јане Сандански“.