Вести
РК Алкалоид комплетираше тим за новите предизвици
РК Алкалоид домашната база во „Автокоманда“ ја замени со тренинг камп на Маврово, каде што десет дена ќе се одработуваат подготовки што ќе претставуваат основа врз која ќе се гради посакуваната натпреварувачка форма потребна за битката на четирите фронта која ќе почне со дуелот од македонскиот Супер Куп.
Сезонава на располагање на тренерот Кирил Лазаров ќе бидат и четири нови ракометари кои дојдоа во летниот преоден рок и треба да ја надополнат и балансираат екипата. Тие се веќе во тренажен процес и се вклопуваат со системот на работа на РК Алкалоид. Нивните амбиции се јасни, а очекувањата големи.
КИРИЛ ЛАЗАРОВ:
„Ние од формирањето на клубот голема шанса даваме на македонските играчи, тоа ни е целта, стратегијата и амбицијата – произведување на македонски играчи. Во тој процес мора да сме трпеливи затоа што е тежок. Најтешко е кога треба да создаваш, ама во исто време и да победуваш, затоа што тимот е таков, победнички.
Се наоѓаме пред третата сезона по ред во Суперлигата и мислам дека од сезона во сезона напредуваме во секоја смисол. Нормално е да си одат играчи низ годините, а нови да доаѓаат, тоа е природната селекција. Се надевам дека оваа сезона ќе бидеме поквалитетни со играчкиот кадар во кој имаме четири нови имиња.
Добиваме доста на голманската позиција со Марко Кизиќ кој е стандарден репрезентативец, кој ќе го имаме заедно со Галевски и Трајковски кои исто така се квалитетни. На десната крилна позиција го добиваме искусниот Никола Костески, што ни беше потребно затоа што таму имавме само млади имиња. Михаил Ивановски заслужува да го носи дресот на Алкалоид како млад и потенцијален играч, а со нас тука е и португалскиот новак Франциско Оливеира да Силва. Се работи за поливалентен играч, бек кој со своите карактеристики можеби ни недостасуваше во тимот. Се надевам дека ќе се вклопи брзо и ќе биде дополнителна вредност во нашиот ростер.
Ние ќе одиме чекор по чекор. Знаеме деа конкуренцијата е силна. Нашите конкуренти се засилуваат, македонското првенство станува силно. И тоа ме радува, затоа што потребна ни е таква лига за да расте и нашата екипа. ЕХФ Европскиот Куп ќе биде ново искуство за нас. Минатата година бевме во ЕХФ Европската лига, ја почувствувавме сласта на победата, како и на нерешениот исход. Во борба сме за четири трофеи оваа сезона – Суперкупот, Купот на Македонија, првенството и ЕХФ Купот, но нема да брзаме никаде. Не чекаат многу предизвици оваа сезона и ќе тежнееме да бидеме се подобри“, изјави Лазаров.
НИКОЛА КОСТЕСКИ:
„Убаво е чувството на враќање во Македонија по толку години во странство. Осум години бев надвор од државата. Прекрасно е пак да си назад, особено во ваков проект како Алкалоид. Имаме добар млад тим, јас како поискусен дојдов тука да помогнам колку што можам. Знаеме кои се целите на клубот, одиме напред и ќе се држиме по плановите на тренерот Лазаров. Се надеваме на добар успех оваа година.
Се познаваме со повеќето играчи од репрезентацијата, сите се борат да успеат на теренот. За македонската репрезентација убаво е што ќе играме сите заедно, добро се познаваме и мислам дека оваа екипа ќе има во иднина многу голем напредок. Ќе играме и во ЕХФ Купот, се надевам дека ќе влеземе добро подготвени, а целите се јасни – секогаш одиме на победа“
ФРАНСИСКО ОЛИВЕИРА ДА СИЛВА:
„Многу сум среќен што сум тука во Скопје. Дојдов во клуб кој има доста млади играчи, ама поседува и голем потенцијал, па се надевам дека ќе бидам додадена вредност на екипата на Алкалоид во остварувањето на резултатите и на успесите. Ја имав можноста да го гледам тимот пред да пристигнам тука на неколку натпревари и видов многу потенцијал. Исто така ме радува и што ќе играм во град кој го сака ракометот и го гледа и доживува како кралски спорт. Возбуден сум и едвај чекам да почнеме со натпревари“
МАРКО КИЗИЌ:
„За мене Алкалоид е нов клуб и нов предизвик, во кој влегувам со големи амбиции. Поголем дел од играчите ги познавам уште од деца, заедно сме играле и сме се натпреварувале. Периодот за адаптација поради тоа ќе ми биде побрз. Стартувавме со подготовки, се надевам на квалитетна подготовка која ќе ни донесе резултати и на домашната сцена и во Европа. Ние сме екипа составена претежно од млади играчи, но дефинитивно имаме квалитетен тим да се носиме со секого.
Околу голманското трио, здравата конкуренција секогаш е добра. Јас ја гледам како позитивна работа, затоа што така може да се притискаме сите еден со друг да бидеме подобри од меч во меч и квалитетно да ја покриеме позицијата оваа сезона“
МИХАИЛ ИВАНОВСКИ:
„Претходната сезона за мене не беше лесна затоа што имав повреда, но втората полусезона ја искористив максимално. Оваа сезона се надевам дека ќе помогнам на Алкалоид во остварувањето на резултатите и да постигнеме поголем успех од лани. Желба ми е да се одбрани Куп-трофејот и ако влеземе во шанса, да играме за највисок дострел на домашната сцена. Ќе играме и во ЕХФ Куп, а таму очекувам да отидеме далеку и секој меч да бидеме се подобри и подобри“