Вести

РК Алкалоид на второто место во Охрид

-->

РК АЛКАЛОИД – РК ВАРДАР 23-25 (9-15)
Сала: „Билјанини извори“ во Охрид. Судии: Ѓорѓи Начевски и Славе Николов

РК Алкалоид: Кизиќ (10 одбрани), Џонов 3, Петров, Костески 8, Младеновиќ, Серафимов 4, Карасманакис, Стојковиќ 1, Митев, Ѓорѓиев 3, Галевски 2 одбрани, Велковски, Симоновски 2, Иваноски, Бинго 1, Силва 1, Петковски, Ставревски.

РК Вардар 1961: Јагуриновски 3, Аларов, Стојановски, Георгиевски 3, Родригез 3, Крсманиќ, Еспиња (9 одбрани), Танкоски, Коиј 1, Лазаревски 2, Хориха 7, Срдановиќ 3, Николиќ 1, Петриќ 1, Мархели 1, Ќосески, Мело, Гогов.

РК Алкалоид својот прв настап на охридскиот меморијален турнир „Крсто Андоновски“ го освои второто место. Првото место на турнирот што се одржа во салата „Билјанини извори“ е за екипата на Вардар 1961 која во финалето славеше со резултат 25-23.

По трите победи над РК Динамо Панчево, Олимпијакос и РК Ловќен, РК Алкалоид во финалето не почна во посакуван ритам. Одигра недоволно фокусирано во првото полувреме во кое уште во раната фаза на мечот тоа се одрази на резултатот и противникот се здоби со висока предност.
Како минуваше времето играта се стабилизираше, но иако до крајот на првиот дел, нашиот тим воспостави рамнотежа, не влезе во резултатски бран и на одмор се замина со резултат 9-15.

Во второто полувреме со почетна серија од 3-0, РК Алкалоид навести дека нема да има рано прогласување на победник на овој натпревар. Како минуваше времето, ритамот на нашиот тим стана побрз, играта подобра, одбраната посигурна и како резултат на сето тоа на десет минути до крајот резултатот беше 20-21.

Но, во обидите да се направи комплетен пресврт и се брзаше, беа направени и грешки и на крајот тоа го дефинираше и конечниот резултат од 23-25.

РК Алкалоид се враќа во Скопје каде што ќе ги продолжи подоготовките до заминувањето за Гевгелија каде што на 4 септември ќе игра во македонскиот Супер Куп.