Вести

РК Алкалоид пред прв скандинавски предизвик

-->

​РК Алкалоид е пред својот трет меѓународен натпревар, втор на домашен терен во својата дебитантска сезона во EHF Европската лига.
За прв пат нашиот тим за противник ќе има екипа од скандинавскиот полуостров, ќе играме против Бјерингбро – Силкеборг, претставник на актуелниот трикратен светски шампион, Данска.
Тоа е состав што својот висок углед го има заработено со долгогодишни квалитетни настапи и во домашниот шампионат и ширум терените низ Европа. Бил дом на многу ракометни ѕвезди во минатото, а не е исклучок и актуелнава сезона во која по звучност од нивните редови се издвојуваат Расмус Лауге, Рене Тофт Хансен, Јохан Сјостранд…

РК Алкалоид денеска организираше средба со македонските медиуми на која говореа тренерот на екипата Кирил Лазаров и ракометарот Иван Џонов.

„Самото име на противникот и државата од која доаѓа доволно говори за неговиот квалитет. Ќе играме против данска екипа која со години наназад преку својата лига обезбедува излез во Европа. Инвестициите што ги направија летово со ангажманот на Расмус Лауге од Веспрем, еден од најдобрите дански ракометни минативе години заедно со Микел Хансен, кажуваат дека утре ќе имаме сериозен ривал.
Ние треба да бидеме на високо ниво за да можеме да парираме. Се движиме во вистински правец, првиот натпревар го одиграме малку во грч, што беше очекувано. На вториот меч во Шпанија одигравме поквалитетно. Се надевам дека тој раст ќе продолжи и на утрешниот трет меч. Тоа е меч во кој треба да се опуштиме и без притисок да одиграме најдобро што знаеме.
Нашата публика ќе има можност да види квалитетен натпревар меѓу две екипи кои играат модерен ракомет. Очекувам тврд, силен натпревар, а фаворитската улога им ја препуштаме на гостите. Тоа е реалноста, тие самите најавија дека се фаворити. Но, ние ќе гледаме да се поставиме добро и ако ни се укаже шанса да го искористиме моментот и да стигнеме до позитивен резултат“, изјави Кирил Лазаров.

Иван Џонов, ракометар кој сезонава е во подем, од свој агол го најави следниот меч:
„Силкеборг е екипа составена од млади играчи, надополнета со неколку ѕвезди во тимот како Расмус Лауге и Рене Тофт Хансен. Тие се типична скандинавска екипа која игра брз ракомет со добра транзиција. Ние мораме да бидеме дисциплинирани во нападот, да ги лимитираме грешките и со тоа да ја неутрализираме нивната транзиција.
Добро сме тактички подготвени, ако го испочитуваме договореното и одиграме најдобро што знаеме, верувам дека можеме да стигнеме до позитивен резултат. Ќе ни биде потребна и поддршка од нашите верни навивачи и би сакал да ги поканам во што поголем број да дојдат утре и да го проследат овој квалитетен натпревар“, вели Џонов.

Натпреварот почнува во 18:45 часот, а ќе се игра во Спортскиот центар „Јане Сандански“. Билети може да набавите на следниот линк: https://mktickets.mk/event/alkasilk/
Програмата за натпреварот можете да ја видите на следниов линк:

Програма на натпреварот РК Алкалоид – Бјерингбро Силкеборг