Вести
РК Алкалоид се полни со енергија на Маврово
РК Алкалоид се полни со енергија преку тренинзите во кампот на Маврово каде што го има потребниот мир и концентрација, како и сите други услови за непречена работа и постигнување на целта. Планираните активности на Маврово ќе бидат реализирани за вкупно 10 дена, потоа екипата ќе се врати во Скопје од каде ќе ги координира следните активности.
Тренерот Кирил Лазаров и ракометарите се задоволни и од условите за работата и тоа начинот на кој се одвиваат подготовките во овие воведни денови од летната предсезона.
КИРИЛ ЛАЗАРОВ:
„Маврово ни нуди прекрасни услови за да се спремиме и да бидеме на нивото за она што ни следува! Најважно ни е што тука имаме мир, можеме да работиме и да анализираме, воедно да градиме и добра атмосфера, сите да се дружиме заедно и да изградиме силно заедништво.
Играчите се максимално сконцентрирани и мотивирани, работат дисциплинирано и задоволен сум како течат подготовките. Веќе имаме поставено систем кој го надоградуваме и позитивно гледам и на подготовките и на периодот кој што не очекува.
Веќе одигравме еден пријателски натпревар со кадетската репрезентација на Македонија, бевме нивен спаринг-партнер пред настапот на Европското првенство, ќе имаме уште пет до шест квалитетни пријателски дуели. Нема да биде цел да победуваме по секоја цена, сакам да им дадам шанса на сите играчи, со цел сите играчи да бидат спремни за предизвиците кои ни следат, затоа што сезоната ќе ни биде долга и напорна“
ИГОР ЃОРЃИЕВ:
„Првата фаза ја одработивме во Скопје каде што поминавме десет дена. Веќе неколку дена сме во Маврово, подготовките се одвиваат во најдобар ред. Ќе се потрудиме да се воиграме добро, тука се и новите играчи со кои работиме заедно. Со нас е и Франциско, кој е нов странски играч во нашата екипа и сите му помагаме полесно да се адаптира. Тренираме напорно за да бидеме физички подготвени, а исто така сме посветени и на тактичкиот дел со тренерот Лазаров. Сезоната која ни следи ќе биде интересна, па мора добро да се спремиме за нашите цели и за она кое ни следува. Како екипа имаме поставено наши цели, но ќе одиме од меч во меч. Првиот официјален натпревар ќе ни биде Суперкупот на Македонија, каде сакаме да влеземе максимално спремни за надигрување со ривалот“
МАРТИН СЕРАФИМОВ:
„Целиот тим на подготовките работи како едно, имаме одлични услови за физички и тактички добро да се подготвиме за она кое ни доаѓа. Многу ми се допаѓа што костурот на Алкалоид ни остана ист, само го надградивме со неколку нови играчи. По подготовките во Маврово ќе ни следат пријателските натпревари на кои ќе гледаме да се воиграме максимално. Мора добро да се подготвиме за Суперкупот, но него ќе го анализираме откако ќе ги минеме сите подготовки. Сега фокусот ни е добро да се спремиме и не размислуваме за ништо друго“
ИВАН ЏОНОВ:
„Нашите подготовки одат во најдобар ред засега, работиме главно да бидеме физички спремни за предизвиците затоа што пред нас следи сезона која ќе бара доста напор и ќе биде во висок ритам. Сите се вложуваме максимално, затоа што ова што го правиме сега ќе ни биде основа за целата година. Ни доаѓаат нови предизвици, а ние како играчи сме спремни да одговориме на нив на добар начин. РК Алкалоид секогаш цели да победува, па така, целта останува иста и понатаму.“
МАРКО МИТЕВ:
„Ми недостасуваше одново да бидеме активни со ракометот по паузата. Со новите засилувања оваа сезона очекувам да бидеме на повисоко ниво и да го повториме и надградиме успехот од лани во лигата, Купот на Македонија и во Европа. Годинава ќе бидеме дел и од ЕХФ Купот, влегуваме поискусни заради натпреварите кои ги одигравме лани. Се работи за натпреварување со поинаков систем од Европската лига на ЕХФ и очекуваме да биде доста интересно за нас како млада екипа која сака да напредува од година во година.“