Вести

РК Алкалоид со донација на компјутерска опрема за ОУ „Круме Кепески“ во Скопје

-->

Со донација на компјутерска опрема за Основното училиште „Круме Кепески“ во Скопје, РК Алкалоид ја истакна својата заложба за придонес во активностите за општествена одговорност за подобрување на условите за правилен развој и за квалитетно образование на младите.

РК Алкалоид е формиран со главна цел  промоција на спортот, поддршка на младите ракометни таленти и развој во врвни играчи. Освен стремежот за овозможување квалитетен и напреден тренажен процес на младите таленти и за нивно развивање во врвни ракометари, клубот во своето дејствување се залага и за здрав начин на живот на младите и за квалитетно образование.

Изминатата година клубот им посвети посебно внимание на најмладите, преку отворање свои ракометни школи во Скопје и во неколку градови во Македонија, кои во првата сезона броеја повеќе од 500 деца. Една од школите на клубот своите тренинзи ги реализираше токму во спортската сала на Основното училиште „Круме Кепески“ во Кисела Вода, од каде што произлезе идејата за донација на компјутерска опрема, со која ќе се придонесе за подобрување и за унапредување на условите во образованието на учениците и на младите.

Kомпјутерската опрема се состои од: 10 десктоп-компјутери во комплет со монитор, тастатура, глувче, слушалки и со камера; 3 лаптопи, 4 печатачи, 2 скенера, 6 монитори, 2 ранци и 15 торби. Во согласност со потребите на училиштето, опремата е наменета за опремување на кабинетот по Информатика за учениците во училиштето, со што ќе се овозможи квалитетно реализирање на секојдневните задачи и унапредување на образовните активности во делот на информатичкото образование.

Горан Минов, претседател на РК Алкалоид, му ја додели донацијата на Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Општина Кисела Вода.

Во односите со заедницата не е доволно само да бидеме добар сосед, туку треба да бидеме и добар партнер. Преку поддршка со разни проекти и преку голем број активности, клубот и натаму ќе се труди да придонесе за подобрување на постојните или за иницирање нови начини за враќање кон нашата заедница во делот на спортот, здравиот живот, како и во другите области за правилен развој на најмладите во општеството.