Вести

РК Алкалоид со два бода влегува во Плејоф

-->

РК АЛКАЛОИД – ГРК ОХРИД 29-26 (17-12)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Ненад Николовски и Исмаил Металари. Делегати: Драган Начевски и Душко Камишевски
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ 1, Трајковски, Џонов, Петров 1, Младеновиќ, Серафимов 8, Стојковиќ, Ѓоргиев 4, Велковски 4, Ивановски 6, Бинго 1, Франциско 1, Петковски 2, Савревски 1, Гарбески
Седмерци: 3/3 Исклучувања: 8 мин.
ГРК ОХРИД: Чаневски, Ојлески 4, Јукиќ 3, Ристевски, Ристески, Тасески, Сафранко 2, Јотиќ, Кукоски, Пешиќ 4, Кукуловски, Орјоникидѕе 9, Винисиус 2, Цирар 2, Ѓоргески
Седмерци: 4/5 Исклучувања: 10 мин.

РК Алкалоид во Плејоф разигрувањето за шампионската титула во македонската Суперлига ќе стартува со два бода на салдото, заработени со 20-те остварени победи во регуларниот дел од сезоната. Вечерва во последното коло од првата фаза на натпреварување, нашиот тим ја совлада екипата на ГРК Охрид со 29-26 и шампионатот го заврши со исто остварување како и екипите на РК Е. Пелистер и РК Вардар 1961.
Вечерва во „Автокоманда“ гостуваше ГРК Охрид, а пред почетокот на натпреварот беше оддадена почит за настраданите во трагедијата во Кочани.
РК Алкалоид настапи без неколку ракометари на овој меч, но тоа не се одрази на начинот на кој игра екипата, а финално ниту на конечниот резултат.


Нашиот тим подобро отвори и ја контролираше резултатски средбата, иако и гостинскиот состав се покажа во борбено издание и беше резултатски блиску во првите 15 минути од средбата.
Во 18 минута, гостинскиот бек Никола Јукиќ опасно стартуваше врз Иван Џонов. Епилог на овој фаул беше црвен картон за ракометарот на ГРК Охрид, но и Иван Џонов веќе не се врати на теренот до крајот на мечот.
Играта на Алкалоид беше течна, резултатот почна да расте во полза на нашиот состав и по одличниот финиш, на полувреме се замина со резултат 17-12 за РК Алкалоид.
Неколку несвојствени технички грешки во низа го вратија резултатски во игра гостинскиот состав во второто полувреме и тие успеаја да израмнат на 18-18.
Но, брзо ја вратија концентрацијата сино-белите. Расположениот голман Благојче Трајкоски и спретниот Мартин Ивановски го поведоа тимот кон посигурен период во кој одново дистанцата беше безбедна, најчесто на три гола. Времето одминуваше, разликата се стабилизираше и конечно РК Алкалоид запиша победа од 29-26.


Утре ќе бидат извлечени натпреварувачките броеви за Плејоф шампионатот, а пред да почне вториот дел на сезоната, РК Алкалоид, во недела ќе го одигра реванш натпреварот од 1/4 финалето на ЕХФ Европскиот Куп против романскиот состав Минаур Баја Маре. Првата средба одиграна викендов во Романија заврши без победник, 31-31.