Вести
РК Алкалоид со пет гола предност ќе патува во Норвешка
РК АЛКАЛОИД – РУНАР САНДЕФЈОРД 42-37 (21-20)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Ѓоргиос Панајидес и Мариос Андреу од Кипар. Делегат: Владимир Сокол од Хрватска
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ (3 одб), Галевски (4 одб), Џонов 6, Маркоски, Младеновиќ, Серафимов 10, Карасманакис 4, Стојковиќ 4, Ѓоргиев 4, Велковски 2, Ивановски 3 Бинго 1, Франциско 2, Петковски 4, Митев 1, Савревски
Седмерци: 6/7 Исклучувања: 4 мин.
РУНАР САНДЕФЈОРД: Бјорнстад (2 одб), Тригестад (6 одб), Окерн 1, Гурих 3, Грам, Рамбо 11, Хоген, Боје, Линдел 3, Бергли, Ривешјо 4, Миклебуст 5, Сјурсен, Кнутсен 7, Венемир, Вулвик 4
Седмерци: 2/3 Исклучувања: 10 мин.

РК Алкалоид го совлада норвешкиот претставник Рунар Сандефјорд со 42-37 на првиот натпревар од полуфиналето на ЕХФ Европскиот Куп. Натпреварот се играше во Скопје, а реваншот е следната недела во Норвешка. Вкупниот победник ќе игра во големото финале на ова европско натпреварување.
Натпреварот меѓу РК Алкалоид и Рунар Сандефјорд ги надмина очекувањата во поглед на интензитетот и брзината со која се играше и се одвиваа настаните на теренот. Двата тима форсираа игра со брза транзиција која доведе и до голем број на напади и постигнати голови, а нашиот тим подобро се снајде од норвешкиот во стилот на игра што е заштитен знак на скандинавскиот ракомет.

Гостите имаа за нијанса подобро отворање на натпреварот, а и среќата им беше наклонета во воведните напади во кои ракометарите на РК Алкалоид двапати шутираа во конструкцијата на голот. Тоа резултираше со почетно водство од 3-1 и 4-2 за гостинскиот состав, но брзо следеше консолидација, два гола по ред во мрежата на норвешкиот тим и резултатот беше израмнет (4-4), а веднаш потоа РК Алкалоид ја презема контролата.
Во играта гол за гол што следеше, гостите се решија да напаѓаат со седум ракометари што дополнително ја отежна работата на дефанзивната линија.

По 20 минути игра, РК Алкалоид успеа да поведе и со три гола разлика (15-12), но до крајот на полувремето норвешкиот тим се врати резултатски и на одмор се замина со резултат 21-20.
Гостинскиот состав својот врв го достина во 40 минута кога поведе со 29-27, по што РК Алкалоид почна да игра поагресивно во одбраната и влезе во мини серија од 3-0, па одново премина во водство.
РК Алкалоид во два наврати во текот на натпреварот не реализираше напад за плус четири гола, но конечно и тоа му појде од рака па за прв пат имаше плус четири гола при резултат 36-32.
Потоа почна жестока битка за одбрана на таа разлика, а кога и играта 7 на 6 беше казнета со гол на празна мрежа, РК Алкалоид запиша водство од 41-36.
До крајот на натпреварот двата тима постигнаа уште по еден гол за конечните 42-37.

Мартин Серафимов со 10 гола и Иван Џонов со седум погодоци од исто толку обиди беа најефикасните играчи во редовите на РК Алкалоид, додека ветеранот Кристофер Рамбо со 11 постигнати гола беше најефикасниот играч на натпреварот.
Следниот меч на РК Алкалоид е во вторник во македонската Суперлига против РК Бутел Скопје, а потоа следува реваншот од полуфиналето.
