Вести

РК Мулти Есенс доминираше на дербито со Младост

-->

МУЛТИ ЕСЕНС – МЛАДОСТ 1977   44-28 (24-11)


Сала: „Круме Кепески“ во Скопје. Судии: Иво Георгиевски и Игор Наумовски. Делегат: Зоран Арсенов


Мулти Есенс: Штаковски, Ерманоски, Грујевски 5, Димитриевски 3, Д. Узунчев 8, Тричковски 1, Омерагиќ 5, Велков 4, Младеновски 2, Т. Узунчев 2, Митев 4, Проданов 2, Канг 1, Карасманакис 1, Костовски 3, Георгиевски 3
Седмерци: 2/2 Исклучувања: 12 мин.


Младост 1977: Панов, Паунков, Н. Роглев 5, Чрчев 1, Прчев, Николоски 4, И. Роглев, Гогов 1, Панов, Атанасов 8, Ѓуриќ 2, Попов 4, Пеев 3, Стоилов
Седмерци: 3/4 Исклучувања: 4 мин.

РК Мулти Есенс запиша нова првенствена победа и во моментов е единствената екипа во групата „А“ од Првата лига која победила на сите натпревари. РК Мулти Есенс во дербито на колото беше домаќин на РК Младост 1977, екипа што исто како и РК Мулти Есенс, досега имаше запишано победа на сите одиграни натпревари.

Одличната транзиција која главно завршуваше со ефектни погодоци од надворешните позиции, снаодлливата одбрана која овозможуваше да се тргне во брз напад беше многу силно оружје на РК Мулти Есенс. По само пет минути беше 5-0. Во ист брз ритам се играше и понатаму, разликата се зголеми на 9-1, а пред истекот на 13 минута резултатот веќе беше двоцифрен (12-2).

Во продолжението на натпреварот, РК Мулти Есенс немаше поголеми потешкотии во одржувањето на разликата која до крајот на полувремето остана двоцифрена, а во финишот на првиот дел со уште една серија од 5-2 стигна до конечните плус 13 по 30 минути игра.

Во вториот дел резултатски беше поизрамнето, но дистанцата за цело време беше меѓу 12-14 гола. Тренерот Бранко Ангеловски им даде шанса на сите играчи да настапат и сите убаво ја искористија. Единствените кои не се запишаа во листата на стрелци се голманите.
На крајот, како и во првиот дел, со уште еден налет и серија од 4-1 беше постигнат конечниот резултат 44-28.