Вести
РК МУЛТИ ЕСЕНС СО СИЛА ЗА ЕДНО ПОЛУВРЕМЕ СО ГРК ТИКВЕШ
РК МУЛТИ ЕСЕНС – ГРК ТИКВЕШ 28-32 (14-16)
Сала: „Јасмин“ во Кавадарци. Гледачи: 150. Судии: Михајло Илиевски и Методија Илиевски. Делегат: Васил Чавдаров
РК МУЛТИ ЕСЕНС: Ермоноски, Димевски 2, Костовски 7, Мирчевски, Илиески 1, Насевски 2, Д. Узунчев 3, Петрески 4, Трајчев 1, Каракалашев, Тарчуловски 1, Трајковски, Иваноски, Тодески 2, Т. Узунчев 3, Јорданов 2.
Седмерци: 2/4. Исклучувања: 6 мин.
ГРК ТИКВЕШ: Гемаљевиќ, Анастасовски 4, Мијатовиќ 4, Темелкоски 1, Велков, Соколов, Бакев, Стефановиќ 5, Гачевиќ 2, Лазов, Манасков 5, Окардов 1, Шулески, Коцев 4, Мајиќ 5, Даневски 1.
Седмерци: 2/2. Исклучувања: 8 мин.
Нашиот РК Мулти Есенс не успеа да се пласира на Ф4-турнирот од Купот на Македонија. Тимот во финалето од Групата 1 играше со домаќинот ГРК Тиквеш и во салата „Јасмин“ не дојде до резултат доволен за завршницата (28-32).
Имаше нашиот млад тим одлично прво полувреме во кое во целост му парираше на ривалот, меѓутоа во вториот дел далеку поискусниот противник ја запиша победата на натпреварот пред својата публика. Иако губеше со 3-7, Мулти Есенс не се предаде. Влезе во серија, израмни на 8-8, потоа поведе и со 11-10, па мечот беше егал се до 12-12.
Пред финишот на првиот дел ГРК Тиквеш влезе во серија од три гола, поради тоа на паузата имаше 14-16. Во второто полувреме кавадарчани го држеа темпото на игра, а РК Мулти Есенс иако бркаше резултат, не успеа пак да се врати во мечот како што тоа претходно го направи во првото полувреме.