Вести

РК Алкалоид со победа ја почна сезоната

ПРИЛЕП – АЛКАЛОИД  30-43 (15-22)
Сала: Р. Р. Ричко во Прилеп. Судии: Методија и Михајло Илиевски. Делегат: Илија Цветкоски.
ПРИЛЕП: Стојкоски, Ангелески, Јордановски, Дамчевски, Бикоски 5, Вренцоски 1, Адамчески, Шокоски 8, Лозаноски 1, Чантурија 2, Павлов 1, Христоски, Гавашелишвили 6, Ѓоргиески 6
Седмерци: 2/3 Исклучувања: 14 мин.
АЛКАЛОИД: Трајкоски, Галевски, Маркоски 4, Стојков 2, Младеновиќ 3, Серафимов 8, Илиески 6, Стојковиќ 1, Митев 2, Ѓоргиев 4, Иваноски 1, Симоноски 3, Омерагиќ, Тодески 4, Кофилоски 1, Петковски 4
Седмерци: 2/2 Исклучувања: 10 мин.

РК Алкалоид со освоени три бода на гостински терен ја почна својата прва сезона во Супер лигата. Во првото коло, гостувавме кај екипата на РК Прилеп и запишавме победа од 43-30 (22-15). 
По израмнетиот почеток и резултат 4-4, нашата одбрана и транзицијата во играта ни овозможија уште во раната фаза на натпреварот, по 11 минути игра, да стигнеме до водство од четири гола (9-5). 

По ова мечот влезе во фаза во која се играше динамично и наизменично се постигнуваа голови, но водството не беше во ниту еден момент доведено во опасност. 
Дистанцата од 4-5 гола (10-5, 17-12, 20-15) остана до крајот на првото полувреме кое заврши со резултат 22-15. 
Во второто полувреме игравме уште покомпактно и по десет минути игра имавме најголемо водство од осум гола разлика (30-22). Надигрувањето продолжи и во 47 минута за прв пат на мечот разликата беше двоцифрена (35-25). Во финишот на натпреварот, дополнително ја зголемивме разликата и средбата заврши со конечен резултат 43-30. 


Сите ракометари заслужуваат пофалби за денешната средба, а голгетерски најмногу се истакна Мартин Серафимов кој постигна осум погодоци, Божидар Илиески постигна шест гола, а со по четири погодоци придонесоа Теодор Тодески и Игор Ѓоргиев. 

Во следното коло, одново ќе играме на гостински терен, кај екипата на МРК Куманово.

Вести

Нашиот пионерски тим освои злато на меѓународниот турнир во Нант

Нашиот пионерски тим освои злато на меѓународниот турнир што се одржа во Нант, Франција!
Нашите надежи денеска во полуфиналето го совладаа шпанскиот тим Понтеведра (23-20), а во финалето кое имаше драматичен финиш беа подобри од уште една шпанска екипа, Хихон 27-26.
Алкалоид на овој турнир одигра вкупно седум натпревари и победи на сите средби.

Вести

Кирил Лазаров е нов тренер на нашиот тим

Го официјализиравме поставувањето на Кирил Лазаров за тренер на нашата екипа и ги промовиравме осумте нови ракометари кои летово се приклучија во нашето ракометно семејство.

На прес-конференцијата одржана во Хотелот „DoubleTree by Hilton“ на 23 август, претседателот на клубот Горан Минов пред медиумите ги претстави Кирил Лазаров и новите играчи и зборуваше за целите на клубот во новата сезона.

За своите импресии, очекувања и планови за следната сезона зборуваа и Кирил Лазаров, капитенот Игор Ѓоргиев и репрезентативното засилување Никола Маркоски.

Погледнете ги видеото и фотогалеријата од настанот.

Вести

РК Алкалоид У16 на турнир во Франција

Во согласност со определбите на нашиот клуб на своите играчи, вклучително и на најмладите, да им обезбеди врвни услови за тренинг и за напредок, РК Алкалоид во периодот од 26 до 28 август ќе ја испрати на турнир во Франција пионерската екипа (под 16 години), поточно екипата од генерацијата 2007.

Организатор на турнирот на кој учествуваат повеќе екипи во разни возрасни категории е екипата на РК Нант, а нашите млади ракометари ќе играат во група со екипите на РК Тулуз од Франција, РК Онис од Франција и на РК Естудијантес од Белгија, како и со репрезентацијата на Бенин и Хихон од Шпанија.

Подоцна РК Алкалоид У16 ќе се вкрсти со екипите од групата А, во која се домаќинот РК Нант, потоа РК Шарт, РК Ливри и РК Зубри.

Влатко Котески ќе ја предводи нашата екипа во Франција, а со себе ќе поведе 15 ракометари.

„Ова е голема работа за овие млади играчи. За сите нив ќе биде прво меѓународно искуство, и тоа на гости кај клуб кој значи многу во врвот на европскиот ракомет. Покрај сите придобивки од таквиот настап, особено ни значи што клубот води грижа за најмладите, кои, ете, ќе добијат шанса да играат против екипи од сиот свет, а покрај искуството ќе можат да направат и споредби и да научат нешто ново“, вели тренерот Влатко Котески.