Вести

РК Алкалоид е пред првиот меѓународен меч на гостински терен

РК Алкалоид е пред својот втор меч од EHF Европската лига, воедно прв официјален меч што ќе го играме на гостински терен.
РК Алкалоид во вторник (24.10.2023) ќе се сретне со екипата на Логроњо Ла Риоха, клуб што ја претставува Шпанија во ЕХФ Европската лига. Натпреварот ќе се игра во Спортската сала во Логроњо која има капацитет од околу 4000 гледачи, со почеток од 20:45 часот. Во Македонија ќе биде пренесуван на МРТВ 3.

Првиот гостински натпревар во ЕХФ Европската лига е голем предизвик за нашиот клуб и нашите ракометари. Ќе играме на терен на реномиран ракометен колектив кој годинава го прослави својот 20 роденден.
Логроњо Ла Риоха од 2006 година е дел од најсилната шпанска лига – АСОБАЛ. Нивните најголеми успеси се три вицешампионски титули во АСОБАЛ и две трети места. Четирипати имаат учествувано во Лигата на шампионите и уште седум други учества во вториот по квалитет Европски Куп.
Дресот на овој клуб низ годините го носеле познати шпански ракометари и интернационалци како Алекс Душебаев, Рубен Гарабаја, Хуанин Гарсија, Рафаел Капоте …

Реномето на нашиот следен противник е мотив плус за нашите ракометари да пружат максимум на теренот во обид да ги освојат првите европски бодови. Презентирањето на македонскиот ракомет надвор од границите е обврска што сериозно ја сфаќаме и клубот ќе настојува на секое поле да се подобрува.

РК Алкалоид во Шпанија ќе отпатува во понеделник и предвидено е да одржи тренинг во салата во Логроњо уште истата вечер.

Вести

ЛАЗАРОВ: Ќе анализираме, ќе бидеме подобри

РК Алкалоид го имаше својот деби настап во EHF Европската лига на кој се сретна со повеќекратниот првак на Србија и актуелен освојувач на EHF Куп, екипата на РК Војводина. Гостинскиот состав беше поуспешниот противник (31:26) успеа своето поголемо искуство да го материјализира и да ја казни слабата реализација првенствено од чисти ситуации на нашиот тим и ги запиша првите бодови.


По натпреварот се одржа прес конференција на која зборуваше и тренер на нашиот тим Кирил Лазаров.

„Ни следат денови за анализа, се надевам дека на следниот натпревар ќе бидеме подобри. Мислам дека нашиот проблем не беше во одбраната, туку во нападот. Имаше добри работи во нашата игра, доста креиравме, добри ситуации за гол, но кога нема да се искористат нормално е да стигне казна. Вакви работи ни се случуваат и во македонското првенство, а на едно вакво ниво не може да се извлечете по толку промашувања. Тоа е нешто на што треба да работиме. Од една страна сум задоволен сум бидејќи успевавме да дојдеме до шанса, но реализацијата ни беше слаба“, изјави Лазаров.

Во второто коло од EHF Европската лига, РК Алкалоид, за прв пат ќе игра меѓународен меч на гостински терен и за прв пат воопшто ќе гостува во Шпанија. Противник ќе ни биде екипата на Ла Риоха Логроњо. Тој меч е закажан да се игра во вторник (24.10.2023) со почеток од 20:45 часот.

Вести

БЕЗ БОДОВИ НА ЕВРОПСКОТО ДЕБИ

РК АЛКАЛОИД – РК ВОЈВОДИНА 26-31 (13-15)
Сала: „Јане Сандански“ во Скопје. Судии: Денис Бојиќ и Криштоф Хурих од Австрија. Делегат: Предраг Павичевиќ од Црна Гора
РК АЛКАЛОИД: Ромеро, Џонов 8, Маркоски 1, Младеновиќ, Серафимов 4, Стојчевиќ, Стојковиќ, Митев 5, Ѓоргиев 1, Велковски 1, Омерагиќ, Трајкоски, Бинго 5, Кофилоски, Петковски, Савревски 1
Седмерци: 4/9 Исклучувања: 6 мин.
РК ВОЈВОДИНА: Лучин, Шијан, Воркапиќ 8, Милиќ 6, Оцвирк 2, Вуковљак, Азиз 3, Трнавац, Миленковиќ 3, Сунајко, Пушица, Раџеновиќ 1, Пешиќ 2, Роган, Пуховски 6, Чуреф
Седмерци: 5/6 Исклучувања: 12 мин.

Нашиот тим имаше егал старт со противникот и се носеше добро во воведните десетина минути. Војводина избега резултатски кога од 5:7, се одлепи на 5:10, меѓутоа со одлична игра на Џонов и Бинго, РК Алкалоид пред паузата дојде на „минус два“ (13:15).

Сепак, неискуството во одредени моменти во второто полувреме беше пресудно, кога РК Алкалоид доаѓаше на два гола негатива, следеа технички грешки во нападите, а тоа искусен тим како РК Војводина знаеше да го искористи. Проблем беа и седмерците, затоа што РК Алкалоид на овој натпревар промаши пет санкции.

Најдобар стрелец во нашиот тим беше Иван Џонов со осум реализации, пред Марко Митев и Арно Бинго со по пет гола, додека Мартин Серафимов стрела четири пати.

Вести

ПРЕС КОНФЕРЕНЦИЈА НА РК АЛКАЛОИД ПРЕД ДУЕЛОТ СО РК ВОЈВОДИНА

РК Алкалоид е пред својот прв европски предизвик во клупската историја. Благодарение на освоеното второ место во македонската Суперлига минатата сезона, клубот се избори за право да го претставува македонскиот клупски ракомет директно во групната фаза на EHF Европската лига, второ по квалитет натпреварување во Европа, зад Лигата на шампионите.

Натпреварите од групната фаза на EHF Европската лига почнуваат од утре (17.10.2023).
РК Алкалоид е во групата со екипите на РК Бјерингбро Силкеборг од Данска, Логроњо Ла Риоха од Шпанија и првиот гостин во Скопје, екипата на РК Војводина, повеќекратен првак на Србија.

РК Алкалоид денеска организираше прес конференција, а пред големиот број медиуми од Македонија и од Србија, за значењето на настапот во EHF Европската лига, амбициите на клубот и очекувањата од утрешниот натпревар, говореа тренерот на екипата Кирил Лазаров и капитенот Игор Ѓоргиев.

„Ова е историски натпревар за нашиот клуб. Минатата година успеавме да направиме голем успех и да се пласираме во Европската лига на ЕХФ, во втората година од нашето постоење. Тоа е второ по квалитет натпреварување во Европа, по Лигата на Шампионите и тоа за нас значи многу, затоа што лани имавме екипа само со македонски играчи.
Ќе се обидеме да бидеме компетитивни во натпреварувањето кое е рамо до рамо во Лигата на шампионите и тука има екипи кои многу пати низ историјата играле во елитата. За нас ова ќе биде голем предизвик, посебно за младите македонски играчи и се надевам дека достојно ќе се презентираме“, изјави тренерот Кирил Лазаров.

„Го имаме првиот ривал Војводина, победник на EHF Куп, третото европско натпреварување на ЕХФ минатата сезона. За да се победи во било кој европски куп мора да бидете квалитетни. Оваа година Војводина донесе двајца Тунижани, го имаат Воркапиќ кој е еден од нивните подобри играчи, тука е и Сунајко, унгарски интернационалец и репрезентативец, потоа белорускиот репрезентативец Пуховски, Словенецот Оцвирк… тоа доволно говори со каков противник треба да ги одмериме силите.
Македонската јавност во следниот период ќе ужива во овие мечеви, а ние како клуб ќе се обидеме да ги оправдаме очекувањата и да го дадеме најдоброто од себе. Очекувам квалитетен меч, се надевам дека играчите ќе одговорат на предизвикот. Максимално ја респектираме Војводина, но ако бидеме на потребното ниво, ќе се отвори можност за изненадување“, изјави Лазаров.

Капитенот на екипата, Игор Ѓоргиев во своето обраќање до јавност, изјави:
„„Ние сме млада екипа, а по ланскиот успех во македонското првенство во кое завршивме како вицешампиони, ни следи нов голем предизвик, тоа е Европската лига на EHF. Прв ривал ни е РК Војводина, актуелен првак на Србија, екипа составена од квалитетни играчи.
Како капитен на екипата, можам да кажам дека сме подготвени и дека играчите се мотивирани, со желба за докажување.
За нас овие натпревари ќе бидат едно големо искуство. Би сакал да испратам порака до македонската јавност и публиката да дојдат и да не поддржат.“, изјави Ѓорѓиев.

Натпреварот ќе се игра во салата „Јане Сандански“ во почеток од 20:45 часот. Билети за натпреварот можат да се набават преку продажната мрежа на MKTickets:
РК АЛКАЛОИД – РК ВОЈВОДИНА – MKTickets : MKTickets

Вести

ВТОРА ПОБЕДА ЗА РК МУЛТИ ЕСЕНС

РК МУЛТИ ЕСЕНС – РК ВАРДАР НЕГОТИНО 30-27 (15-14)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Димитар Митревски и Благојче Тодоровски. Делегат: Илија Цветковски
РК МУЛТИ ЕСЕНС: Ерманоски, Димевски 2, Костовски 4, Илиески 9, Петковски, Д. Узунчев, Петрески, Трајчев, Омерагиќ 2, Василевски, Тодески 3, Т. Узунчев, Димовски 5, Трајковски, Јорданов 2, Карасманакис 3
Седмерци: 3/3 Исклучувања: 6 мин.
РК ВАРДАР НЕГОТИНО: Куев, Кузманов 3, Кериќ 3, Орешков 3, Митевски 2, Мицев 2, Ѓорѓев 2, Петров 1, Адамовиќ 6, Ицев, Михајловиќ 3, Пеовски 2, Јовановски, Миниќ
Седмерци: 2/2 Исклучувања: 8 мин.

Екипата на РК Мулти Есенс, денеска ја запиша својата втора суперлигашка победа. Нашите млади ракометари беа подобри од тимот на РК Вардар Неготино (30-27) и стигнаа до бројката од шест освоени бодови.
Натпреварот беше резултатски израмнет во текот на целото прво полувреме. РК Мулти Есенс поведе со 2-1, потоа гостите имаа минимална предност или беше нерешено (5-5, 6-6), па одново се менуваа во водство екипите сѐ до полувремето кое заврши со минимална предност на нашиот тим (15-14).


РК Мулти Есенс беше подобриот противник во второто полувреме и брзо дојде до повисока предност (19-16, 20-17), а клучниот период беше во втората половина на полувремето кога од водство 24-22, зголемивме на 27-22. Тие пет гола залиха беа доволни за на крајот да запишеме победа од 30-27.
​Божидар Илиески со девет постигнати гола беше лидерот во играта и најдобриот стрелец во тимот, следен од Мартин Димовски со пет и Михајло Костовски со четири постигнати погодоци.

Вести

Победа на дербито, РК Алкалоид осамен на врвот

РК АЛКАЛОИД – ГРК ТИКВЕШ 30-22 (14-11)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Исмаил Металари и Ненад Николовски. Контролор: Цане Куртовиќ
РК АЛКАЛОИД: Трајкоски, Галевски, Џонов 5, Маркоски 3, Младеновиќ 3, Серафимов 3, Стојчевиќ, Стојковиќ, М. Митев 3, Ѓоргиев, Велковски 3, Омерагиќ, Бинго 5, Петковски 1, Д. Митев 2, Савревски 1
Седмерци: 4/6 Исклучувања: 10 мин.
ГРК ТИКВЕШ: Гемаљевиќ 1, Анастасовски 2, Лазов 1, Мијатовиќ 2, Темелкоски 3, Стефановиќ , Соколов, Велков, Лазов, Манасков 1, Органџиев, Шулески, Коцев 1, Симиќ 4, Мајиќ 2, Обина 3
Седмерци: 2/3 Исклучувања: 8 мин.

РК Алкалоид остана единствен перфектен тим во Групата А во Суперлигата! Нашата екипа беше подобра од ГРК Тиквеш на дерби дуелот на двете досега непоразени екипи. РК Алкалоид играше на домашен терен, а епилогот е (30-22) за седма победа во седмиот натпревар.
РК Алкалоид имаше подобар старт поведе со 5-1 и потоа до крајот на првиот дел кој заврши со водство на Алкалоид од 14-11 ја одржуваше.


Во второто полувреме, РК Алкалоид уште еднаш го засили ритамот, поведе со повеќе пет и повеќе голови разлика и без проблеми го приведе мечот до крајот.
Најдобри стрелци во РК Алкалоид беа Иван Џонов и Арно Бинго со по пет гола, а Митев, Серафимов, Младеновиќ, Маркоски и Велковски стрелаа по три пати. Благојче Трајковски имаше вкупно 13 одбрани.

Следен натпревар за РК Алкалоид е првиот европски предизвик против РК Војводина во Европската лига на ЕХФ (17.10.2023, 20:45 часот).