Вести

Три од три за РК Алкалоид во Суперлигата

РК АЛКАЛОИД – РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 2 42-29 (23-15)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Виктор Начевски и Даниело Божиновски. Контролор: Марјан Огњановски


РК АЛКАЛОИД: Трајкоски, Галевски, Џонов 7, Маркоски 2, Младеновиќ 1, Серафимов 1, М. Митев 7, Ѓоргиев 5, Велковски, Омерагиќ 1, Кофилоски 3, Петковски 6, Д. Митев 3, Савревски 6
Седмерци: 0/1 Исклучувања: 2 мин.


РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 2: Штаковски, Маркоски 6, Талевски 2, Ристевски, Митревски 4, Мирчески 2, Младенов, Трпчевски 5, Блажевски, Димитровски 2, Калајџиески 4, Пецаковски, Ивановски 2, Белистојановски 1, Мијушковиќ
Седмерци: 1/1 Исклучувања: 6 мин.

РК Алкалоид ја запиша својата трета победа од исто толку одиграни суперлигашки натпревари во новата сезона. Денеска гостин во „Автокоманда“ беше екипата на РК Еурофарм Пелистер 2, а средбата заврши со победа на сино-белите од 13 гола разлика (42-29).


Допадлив, убав, брз ракомет демонстрираа и двата тима, а во таа игра подобро се снајде нашиот тим. Одбраната успешно се носеше со битолските ракометари и уште од почетокот на натпреварот контролата ја презема РК Алкалоид.
Тренерот на гостинскиот тим, Михаил Петровски се обиде со ран тајм аут, уште при првото резултатско одвојување на 7-4 да спречи Алкалоид да премине во покомотно водство, но тоа имаше само краткотраен ефект.
Битолчани одржуваа тесна негатива до резултат 10-8, а потоа Алкалоид ја зголеми предноста на плус четири (13-19), потоа беше и плус шест (16-10), а во последната минута напаѓаше и за плус десет при резултат 23-14. Но, тој напад не беше реализиран, па во последниот во првиот дел, гостите од седмерец намалија на 15-23.


Марко Митев со шест, Александар Петковски со пет и Иван Џонов со четири погодоци беа најдобрите стрелци РК за Алкалоид во првото полувреме.

РК Алкалоид во второто полувреме во еден момент поведе со плус десет гола (26-16), но гостинскиот состав успеа да остане во игра и во следниот период се држеше под двоцифрената граница. Во 44 минута одново беше плус десет (31-21), а потоа поведе и со 11 гола пред гостинскиот тренер одново да побара минута одмор.
Во последните 10 минути Алкалоид влезе со плус 11 гола и мирно го приведе натпреварот до крајот, а и најмладиот во нашиот состав, Дамјан Митев имаше неколку атрактивни потези наградени со аплауз од трибините.

Во следното коло, РК Алкалоид на гостински терен ќе игра со екипата на РК Аеродром.

Вести

РК Мулти Есенс од Битола се враќа без бодови

РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР – РК МУЛТИ ЕСЕНС 40-22 (20-11)
Спортска сала „Боро Чурлевски“ – Битола Судии: Глигор и Спаско Каеви
РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР: Гедбан, Кизиќ, Цехте 5, Кузманоски 1, Тајник, Борзаш 3, Танкоски, Радивојевиќ 5, Костески 9, Петровиќ 2, Пав. Атанасијевиќ 3, Васиљев 6, Ѓорговски 5, Пешевски 1, Сери
Седмерци: 2/2 Исклучувања: 2 минути
РК МУЛТИ ЕСЕНС: Ерманоски, Василевски, Димевски 3, Костовски 5, Илиески 1, Петковски, Узунчев 5, Петрески, Трајчев, Омерагиќ 3, Ѓорѓиевски 1, Тодевски 1, Димовски 1, Јорданов, Карасманакис 2, Трајчевски
Седмерци: 5/3 Исклучувања: 6 минути

Екипата на РК Мулти Есенс не успеа да освои бодови и во второто коло во Суперлигата. Нашиот млад тим беше гостин на актуелниот првак РК Еурофарм Пелистер. Поискусниот домашен состав во кој имаше и максимално дозволени осум странски играчи ги освои бодовите со резултат 40-22.

На оваа средба во нашиот тим по подолга пауза поради повреда се врати кадетскиот репрезентативец Димитар Узунчев. Тој беше и најефикасниот играч во нашиот тим, заедно со Михајло Костовски. Двајцата постигнаа по пет погодоци, а по три гола додадоа Димевски и Омерагиќ.


Ова беше одложен натпревар од второто коло, а веќе во понеделник нашиот тим ќе игра нов меч за суперлигашки бодови, на домашен терен против екипата на РК Бутел Скопје. Почетокот на таа средба е закажан за 18:00 часот.

Вести

РК МУЛТИ ЕСЕНС БЕЗ БОДОВИ НА СУПЕРЛИГАШКОТО ДЕБИ

​РК МУЛТИ ЕСЕНС – РК ГОЛДЕН АРТ 25:26 (12:16)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Рубин Седлоски и Горан Ангелески. Делегат: Илија Цветкоски
РК МУЛТИ ЕСЕНС: Ермоноски, Димевски 1, Костовски 1, Илиески 4, Петковски, Петрески 1, Трајчев, Омерагиќ, Трајковски, Василевски, Тодески 5, Т. Узунчев 1, Димовски 5, Трајковски, Јорданов, Карасманакис 7
Седмерци: 4/6; Исклучувања: 4 мин
РК ГОЛДЕН АРТ: Трајковски 1, Ончев 2, Глигоров, Даев 4, Шилегов 7, Јанковски 1, Гошевски, Даскаловски, Стојаноски, Миланов 8, Лешникоски, Божиновски, Милошески 1, Дрпљанин 2, Бардакоски, Гајиќ;
Седмерци: 0/0; Исклучувања: 4 мин.

РК Мулти Есенс не успеа да освои бодови на својот прв суперлигашки натпревар воопшто. Нашиот млад тим беше и играчки и резултатски конкурентен на поискусниот гостински состав на РК Голден Арт, но не успеа шутот за реми да го претвори во гол и запиша минимален пораз 25-26.

РК Мулти Есенс беше рамноправен противник во текот на целиот меч. Клучни и за првиот дел и воопшто за целата средба се покажаа последните две три минути во првото полувреме во кои противничкиот состав успеа по минималното водство да поврзе три гола по ред и на одмор се замина со резултат 12-16.

Во второто полувреме, РК Мулти Есенс беше поактивен и поконкретен тим и успеа со серија од 6-2 да се доближи на два гола негатива и целосно ја врати неизвесноста на мечот.
На моменти беше само минус еден, но во клучните моменти среќата не беше на нашата страна. Така беше и во последната минута во која при резултат 25-26 имавме напад и добра позиција за гол, но противничкиот голман успеа да одбрани и мечот заврши со резултат 25-26.

Вести

РК АЛКАЛОИД СО УБЕДЛИВА ПОБЕДА СТАРТУВАШЕ ВО СУПЕРЛИГАТА

РК АЛКАЛОИД – РК СКОПЈЕ 2020 40:21 (23:11)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Исмаил Металари и Ненад Николовски. Делегат: Владимир Саздовски
РК АЛКАЛОИД: Ромеро, Галевски, Џонов 3, Маркоски 3, Младеновиќ 5, Серафимов 5, Стојчевиќ, Стојковиќ, М. Митев 1, Ѓоргиев 1, Трајковски, Бинго 6, Кофилоски 5, Петковски 5, Д. Митев 1, Савревски 5
Седмерци: 5/6 Исклучувања: 10 мин.
РК СКОПЈЕ 2020: Стојкоски, Фидановски, Мишевски 3, Чакалиќ 1, Тркалевски, Шокоски 4, Огненовски, Митиќ 2, Ристовски, Пешкирски, Грујовски 3, Стојановски, Киселоски 6, Рангелов 1, Ферукоски, Стојановски
Седмерци: 5/7 Исклучувања: 6 мин.

РК Алкалоид со убедлива победа над екипата на РК Скопје 2020 ја отвори новата сезона во македонската Суперлига. Премиерниот натпревар се играше во салата „Автокоманда“, пред полни трибини, а РК Алкалоид прикажа игра со која публиката може да биде задоволна.

Подобрата одбрана уште на почетокот на натпреварот ни донесе резултатска сигурност (5-1, 6-3). Противникот во првите петнаесетина минути одржуваше релативно мала негатива од 2-3 гола, но како минуваше времето, така играта на РК Алкалоид стануваше се подоминантна, а резултатот почна да се зголемува.
РК Алкалоид по водството од 9-7 направи серија од 7:1 и поведе со 16-8, а на полувреме веќе имаше убедливо водство од 23-11.
Тренерот Кирил Лазаров шанса им даде на сите ракометари, а разликата се одржа меѓу 12 и 15 гола за конечно средбата да заврши со победа од 40-21.

За прв пат во клупската историја на официјален натпревар во нашиот тим настапија и интернационалци. Арно Бинго беше најдобриот стрелец со шест погодоци од игра, а во неколку наврати со атрактивни потези измами и овации од гледалиштето. Голманот Алехандро Ромеро бранеше во првиот дел и во неколку наврати одбрани тешки удари овозможувајќи на нападот лесна реализација.

Во следното коло, РК Алкалоид ќе игра дерби меч, на гостински терен кај ГРК Охрид.

Вести

Старт на Суперлигата: РК Алкалоид и РК Мулти Есенс викендов на терен

Новата ракометна сезона во Македонија почнува викендов, а пред РК Алкалоид и РК Мулти Есенс се големи предизвици во кои влегуваат подготвено, со успешно одработени летни подготовки.


РК Алкалоид во својата втора суперлигашка сезона влегува со титулата вицепрвак на Македонија и за прв пат како претставник на Македонија во групната фаза на Европската лига на ЕХФ.
Ланските остварувања се мотив плус за понатамошен развој и раст на клубот и екипата. Одговорностите се поголеми, но поголема е и самодовербата дека со квалитетна работа и посветеност во сите сфери, клубот може да оди само во еден правец – напред.

Играчки освежен и подобро екипиран со доаѓањето на четири ракометари, РК Алкалоид во подготвителниот период го освои второто место на Меѓународниот турнир во Струга каде запиша и победи над грчкиот шампион АЕК и српската екипа Динамо Панчево.
Подготовките беа комплетирани го гостување на четири натпревари во Хрватска и Словенија каде што беше додадена глазура на формата и сега со нетрпение се очекува почетокот на шампионатот во македонската Суперлига и предизвикот во Европа.


РК Алкалоид во првиот дел од првенството ќе се натпреварува во групата „А“ во која се уште и екипите на ГРК Охрид, ГРК Тиквеш, МРК Куманово, РК Аеродром, РК Струга, РК Еурофарм Пелистер 2 и РК Скопје 2020.
Првенството го почнуваме со гостување кај екипата на РК Скопје 2020. Овој натпревар ќе се игра во салата „Автокоманда“ на 8 септември со почеток од 19:00 часот.


Екипата на РК Мулти Есенс сезонава ќе дебитира во најсилното македонско натпреварување – Суперлигата. Овој млад тим составен е од селектирани ракометари кои својата шанса да напредуваат и успешно да се трансферираат од младинските во сениорска конкуренција ќе имаат преку натпреварите со најдобрите екипи во Македонија.
Иван Марковски, познатиот поранешен репрезентативец и тренер во чие резиме се запишани и домашни и странски екипи ќе ја води екипата во новиот шампионат.
РК Мулти Есенс во подготвителниот период го освои второто место на меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“ во Прилеп, победувајќи притоа екипи со подолг стаж во суперлигашката конкуренција.
РК Мулти Есенс во Суперлигата ќе се натпреварува во групата „Б“ во која се и екипите на РК Еурофарм Пелистер, РК Вардар 1961, РК Голден Арт, РК Бутел Скопје, РК Тинекс Пролет, РК Вардар Неготино и РК Прилеп.
Првенството РК Мулти Есенс го почнува на домашен терен, во „Автокоманда“ во сабота со почеток од 17:30, а прв противник ќе биде екипата на РК Голден Арт.

Вести

РК АЛКАЛОИД СО ПОБЕДА СЕ ВРАЌА ВО МАКЕДОНИЈА

РК ДОБОВА – РК АЛКАЛОИД 24:33 (12:14)
Сала: „Добова“ во Добова, Словенија
РК ДОБОВА: Гродник, Герјович 1, Фабек, Благојевиќ, Ромж 2, Житковиќ, Масловак, Рамтах, Младкович 5, Пекенлак 1, Кожович, Тајник 1, Абрамовиќ 9, Вершовник 2, Јовановиќ 3
Седмерци: 2/2 Исклучувања: 6 мин.

РК АЛКАЛОИД: Ромеро, Трајковски 1, Галевски 1, Џонов, Маркоски 2, Стојков 1, Младеновиќ 2, Серафимов 9, Стојчевиќ, Стојковиќ 4, М. Митев 2, Ѓоргиев 2, Омерагиќ 1, Кофилоски 1, Петковски 1, Бинго 5, Савревски 1
Седмерци: 2/4 Исклучувања: 6 мин.

РК Алкалоид заврши со настапите на мини турнејата што ја имаше во Хрватска и Словенија, со победа над екипата на РК Добова од 33:24.
На последниот настап, ракометарите на РК Алкалоид одиграа резултатски рамноправно и тесно прво полувреме во кое го диктираа резултатот и водеа со 7:5, 10:9, а на полувреме беше 14:12.
Во второто полувреме, уште во раната фаза предноста беше удвоена (18:14), а потоа нашиот тим стигна и до највисоките плус шест (24:18). До крајот на средбата домашните не успеаја да го загрозат водството на нашиот тим, напротив, РК Алкалоид поведе и со седум гола разлика, за конечно мечот да заврши со триумф од девет гола 33:24.

Мартин Серафимов со девет гола, Арно Бинго со пет и Марко Стојковиќ со четири погодоци беа најефикасните ракометари во нашиот состав.
РК Алкалоид по ова се враќа во Македонија каде што ќе продолжи да се подготвува за настапите во Суперлигата и во EHF Европската лига.