Вести
Почнува плеј-офот за РК Алкалоид!
РК Алкалоид се враќа во домашна акција. Нашиот тим ги продолжува настапите во Суперлигата, каде во рамки на вториот дел од натпреварувањето, тоа е плеј-офот, ја почнува битката за највисок дострел – титулата во македонскиот ракомет и пласманот во еврокуповите на ЕХФ.
Зад себе нашиот клуб го остави најуспешниот прв дел досега, затоа што на 14 одиграни натпревари во Групата „А“ од Суперлигата забележа 14 победи. Целосниот фокус сега е кон плеј-офот каде според правилникот се пренесуваат три бода. Исто толку бодови во оваа фаза ќе има и Вардар 1961 кој заврши како прв во Групата „Б“.
Останати учесници во плеј-офот се ГРК Охрид, Еурофарм Пелистер (пренесуваат по 2 бода), ГРК Тиквеш, Бутел Скопје (пренесуваат по 1 бод), Пролет 62 и Струга (не пренесуваат бодови). Плеј-офот стартува во февруари, а ќе се игра до јуни. Прв предизвик за РК Алкалоид во плеј-офот ќе биде тимот на Пролет 62. Натпреварот е закажан на 10.02. (сабота) со почеток од 16:00 часот во салата „Македонско Сонце“ во Скопје.
Во плеј-офот во РК Алкалоид ќе има три новини во играчкиот ростер – тоа се тројца нови играчи кои се промовирани од екипата на РК Мулти Есенс. Во нашиот клуб доаѓаат пивотот Валентин Карасманакис, десното крило Мартин Димовски и голманот Виктор Василевски.
Од екипата си замина интернационалецот Алехандро Ромеро Карерас кој настапуваше на голманската позиција, додека пивотот Стефан Стојчевиќ од РК Алкалоид е испратен во РК Мулти Есенс.
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИ ВО ПЛЕЈ-ОФОТ
1. коло: РК Пролет 62 – РК Алкалоид
2. коло: РК Алкалоид – ГРК Тиквеш
3. коло: РК Струга – РК Алкалоид
4. коло: ГРК Охрид – РК Алкалоид
5. коло: РК Алкалоид – РК Вардар 1961
6. коло: РК Бутел Скопје – РК Алкалоид
7. коло: РК Алкалоид – РК Еурофарм Пелистер
8. коло: РК Алкалоид – РК Пролет 62
9. коло: ГРК Тиквеш – РК Алкалоид
10. коло: РК Алкалоид – РК Струга
11. коло: РК Алкалоид – ГРК Охрид
12. коло: РК Вардар 1961 – РК Алкалоид
13. коло: РК Алкалоид – РК Бутел Скопје
14. коло: РК Еурофарм Пелистер – РК Алкалоид