Вести

ССВ Бриксен е противникот на РК Алкалоид во Топ 16 од ЕХФ Европскиот Куп

-->

РК Алкалоид по четирите победи остварени во елиминациските двобој натпревари над екипите на Клаипеда Драгунас во второто и над Вест Виена во третото коло од ЕХФ Европскиот Куп се избори за право за настап во Топ 16 на ова европско натпреварување.
Во ждрепката за 1/8 финалето, РК Алкалоид за противник ја доби екипата на ССВ Бриксен од Италија и во дуелите што е предвидено да се играат во февруари ќе се бори за пласман во 1/4 финалето на ЕХФ Европскиот Куп.

Нашиот следен противник е екипа која има повеќе од 50 години традиција и во своите позначајни резултати има запишано две шампионски титули во италијанската ракометна „Серија А“ и трипати била освојувач на Куп на Италија. Во европски рамки има настапувано 11 пати вклучително со тековната сезона, а нивниот најголем успех е пласманот во полуфиналето на Челинџ Куп во сезоната 2000/2001.
Минатата сезона стигна до 1/16 финалето на ЕХФ Куп каде што беа елиминирани од финалистот Олимпијакос на два дуела одиграни во Атина.

Во екипата имаат тројца странци и тројца ракометари кои имаат двојно државјанство. Тоа се украинскиот голман Максим Волјувак, Аргентинецот Томас Валентин Канете и бразилскиот бек Пауло Винисиус де Оливеира Кандидо. Пикерот Андреа Башиќ има и хрватско државјанство, а двоецот Ендрит и Ардијан Ибаљи имаат и косовско државјанство.
Тренер на екипата е Рудолф Нојнер кој сезонава го презема кормилото од српскиот тренер Давор Чутура.
На поширок список на сениорската репрезентација има има двајца ракометари на Бриксен, а тоа се левото крило Стефано Арциери и пикерот Ендрит Ибаљи. Селекторот на јуниорите, пак, во тимот го има голманот Алесандро Лубинети.

Сезонава, ССВ Бриксен во второто коло го елиминираше тимот на Х-71 од Фарски острови, а во третото коло приреди изненадување со елиминација на подобро рангираната чешка екипа Ловосице на два натпревари што се играа во Чешка.
Термините за одигрување на 1/8 финалните натпревари се 15/16 февруари и 22/23 февруари. Алкалоид на првиот натпревар ќе биде гостин.