Вести

Три од три за РК Алкалоид во Суперлигата

-->

РК АЛКАЛОИД – РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 2 42-29 (23-15)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Виктор Начевски и Даниело Божиновски. Контролор: Марјан Огњановски


РК АЛКАЛОИД: Трајкоски, Галевски, Џонов 7, Маркоски 2, Младеновиќ 1, Серафимов 1, М. Митев 7, Ѓоргиев 5, Велковски, Омерагиќ 1, Кофилоски 3, Петковски 6, Д. Митев 3, Савревски 6
Седмерци: 0/1 Исклучувања: 2 мин.


РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 2: Штаковски, Маркоски 6, Талевски 2, Ристевски, Митревски 4, Мирчески 2, Младенов, Трпчевски 5, Блажевски, Димитровски 2, Калајџиески 4, Пецаковски, Ивановски 2, Белистојановски 1, Мијушковиќ
Седмерци: 1/1 Исклучувања: 6 мин.

РК Алкалоид ја запиша својата трета победа од исто толку одиграни суперлигашки натпревари во новата сезона. Денеска гостин во „Автокоманда“ беше екипата на РК Еурофарм Пелистер 2, а средбата заврши со победа на сино-белите од 13 гола разлика (42-29).


Допадлив, убав, брз ракомет демонстрираа и двата тима, а во таа игра подобро се снајде нашиот тим. Одбраната успешно се носеше со битолските ракометари и уште од почетокот на натпреварот контролата ја презема РК Алкалоид.
Тренерот на гостинскиот тим, Михаил Петровски се обиде со ран тајм аут, уште при првото резултатско одвојување на 7-4 да спречи Алкалоид да премине во покомотно водство, но тоа имаше само краткотраен ефект.
Битолчани одржуваа тесна негатива до резултат 10-8, а потоа Алкалоид ја зголеми предноста на плус четири (13-19), потоа беше и плус шест (16-10), а во последната минута напаѓаше и за плус десет при резултат 23-14. Но, тој напад не беше реализиран, па во последниот во првиот дел, гостите од седмерец намалија на 15-23.


Марко Митев со шест, Александар Петковски со пет и Иван Џонов со четири погодоци беа најдобрите стрелци РК за Алкалоид во првото полувреме.

РК Алкалоид во второто полувреме во еден момент поведе со плус десет гола (26-16), но гостинскиот состав успеа да остане во игра и во следниот период се држеше под двоцифрената граница. Во 44 минута одново беше плус десет (31-21), а потоа поведе и со 11 гола пред гостинскиот тренер одново да побара минута одмор.
Во последните 10 минути Алкалоид влезе со плус 11 гола и мирно го приведе натпреварот до крајот, а и најмладиот во нашиот состав, Дамјан Митев имаше неколку атрактивни потези наградени со аплауз од трибините.

Во следното коло, РК Алкалоид на гостински терен ќе игра со екипата на РК Аеродром.