Вести

Убедлива победа во Италија, РК Алкалоид е на чекор до 1/4 финале во ЕХФ Куп

-->

ССВ БРИКСЕН – РК АЛКАЛОИД 32-44 (18-23)

Сала: „Јужен Бриксен“ во Бриксен, Италија. Судии: Ивс Шолс од Холандија и Стефен Мартен од Белгија. Делегат: Борис Вукашиновиќ од Србија
ССВ БРИКСЕН: Вуловач, Аѕолин 3, Дела Векија 1, Арциери 7, Винисиус 8, Кањете 4, Е. Ибаљи 1, А. Ибаљи 3, Садер 1, Башиќ 4, Милогер, Пунтајер, Социо, Оберхолензер, Лубинати

Седмерци: 5/8 Исклучувања: 6 мин.

РК АЛКАЛОИД: Кизиќ (12 одб), Галевски (2 сед.+ 6 одб), Џонов, Маркоски, Младеновиќ 1, Серафимов 6, Карасманакис 2, Стојковиќ, Митев 7, Ѓоргиев 7, Велковски 4, Ивановски 2, Бинго 4, Франциско 4, Петковски 6, Савревски 1

Седмерци: 1/1 Исклучувања: 6 мин.

РК Алкалоид е чекор поблиску до 1/4 финалето на ЕХФ Европскиот Куп откако вечерва во Италија го совлада домашниот тим ССВ Бриксен со убедливи 12 гола разлика.

Бодрен од поголема група на македонски навивачи од дијаспората кои дојдоа со цел арсенал на навивачки реквизити, РК Алкалоид натпреварот го почна импресивно, со водство од 5-0. За таквиот старт одбраната беше важен фактор, но и добро анализираната игра на противиникот за која РК Алкалоид имаше решенија.

Средбата се играше во брз ритам и тоа носеше и грешки на двете страни, но резултатската разлика не беше доведена во опасност во првиот дел. Алкалоид ги казнуваше грешките на противникот со контра-напади или голови од брза транзција во што предничеа Бинго и Петковски, а во позициските напади Марко Митев беше предводникот, Мартин Велковски одигра одлично полувреме, добра партија пружи и Франциско Е Силва.

Поддршката од голманите не изостана, Кизиќ имаше осум интервенции, а Галевски ги одбрани и двата пенала досудени за домашниот тим.

Во уште побрз ритам се играше во вториот дел. Алкалоид поведе со 26-19, но домашните со сите сили се обидуваа да намалат. Игор Ѓоргиев имаше одличен период, а тренерот Лазаров во ротацијата шанса им даде на сите ракометари.
Како минуваше времето, така Алкалоид стануваше сѐ посигурен. Добро распоредените сили во финишот на мечот му донесоа голема предност на сино-белиот состав. Се разиграа повеќе играчи, предноста стана двоцифрена и за конечно средбата да заврши со победа од 44-32.

Ракометарите на Алкалоид заедно со македонските фанови кои се симнаа на теренот ја прославија оваа голема победа. Реваншот на кој треба да биде заверен пласманот во 1/4 финалето ќе се игра следната недела во Скопје.