Вести
РК Војводина е новиот гостински предизвик на РК Алкалоид
Се ближи и крајот на првата европска сезона на РК Алкалоид во која нашиот клуб е македонскиот претставник во групната фаза на EHF Европската лига.
Пред РК Алкалоид има само уште два европски предизвика. Во вторник во Нови Сад, нашиот тим ќе се сретне со екипата на РК Војводина, а седум дена подоцна на затворањето на групната фаза и воопшто на есенскиот дел од европската клупска сезона, во Скопје ќе играме против шпанскиот тим Логроњо Ла Риоха.
Последното европско гостување на РК Алкалоид е во Србија. Нови Сад и нивната позната „Слана бара“ ќе го пречекаат нашиот тим.
Улогата на фаворит, но и резултатскиот притисок се на страната на домашниот клуб. Војводина мора да освои минимум бод од дуелот со РК Алкалоид за да го верификува пласманот во групната фаза. Во спротивно, разврската ќе биде префрлена во последното коло.
Нашиот тим, пак, нема резултатски притисок, освен тој што го носи реномето на клубот и желбата да се направи подобра промоција пред новосадската и генерално пред целата ракометна публика. Тоа е убав предуслов да се одигра послободно и да се остави посилен впечаток. Секој евентуален резултатски успех било тоа да е освоен бод или победа, ќе биде голем плус за зголемување на самодовербата и уште еден елемент плус вграден во системот што трпеливо и макотрпно се гради во „Автокоманда“.
Натпреварот ќе се игра во вторник со почеток од 18:45 часот, а директно ќе биде пренесуван на МТВ-3 и на ТВ Арена Спорт.