Вести

РК Алкалоид со победа ја почна годината

-->

РК Алкалоид со победа ја почна годината. На својот прв настап во 2023 г., во рамките на подготовките во Стара Пазова, нашиот тим го совлада тимот на РК Динамо Панчево со 25 : 22 (12 : 10).

Второпласираниот тим во шампионатот на Србија, Динамо Панчево, кој и е во поодмината фаза на подготовки, подобро го почна натпреварот и поведе со 5 : 2 по тринаесет минути игра. РК Алкалоид израмни (5 : 5) во седумнаесеттата минута, а две минути подоцна мина во водство (7 : 6). На полувреме се одржа истата разлика (12 : 10).

Во второто полувреме нашиот тим влезе со серија од 5 : 2 и стигна до водство од 17 : 12 во 42. минута.  Динамо Панчево успеа да се доближи и на еден гол разлика на десет минути до крајот, но нашите ракометари беа присебни и не дозволија израмнување или пресврт. Напротив, во финишот од резултат 21 : 20, по серијата од 4 : 1, ставија точка на овој натпревар. 

РК Алкалоид во Србија се подготвува без репрезентативците Мартин Серафимов, Игор Ѓоргиев и Никола Маркоски, кои добија поштеда по настапот на мундијалот.