Вести
Сензационална победа на РК Алкалоид!
РК АЛКАЛОИД – РК ВАРДАР 1961 22-21 (13-10)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Ѓорѓи Начевски и Славе Николов. Делегат: Ацо Николовски
РК АЛКАЛОИД: Трајковски, Петров 2, Маркоски, Младеновиќ 3, Серафимов 7, Илиески 3, Стојковиќ, М. Митев, Ѓоргиев 2, Галевски, Иваноски, Симоноски, Омерагиќ, Кофилоски 3, Петковски 1, Савревски
Седмерци: 5/5 Исклучувања: 8 мин.
РК ВАРДАР 1961: Томовски, Манасков 3, Јагуриноски, Стоилов 3, Аларов, Моралес 2, Георгиевски 3, Карапалески 1, Чувара, Лазаревски, Талески 4, Дутра 1, Маркоски, Ќосевски, Ристовски, Мишевски
Седмерци: 5/5 Исклучувања: 8 мин.
РК Алкалоид приреди вистинска сензација вечерва со победата во дербито на колото над актуелниот првак Вардар 1961 со резултат 22-21.
Нашиот тим вечерва одигра одличен натпревар и го контролираше резултатот од почетокот на натпреварот. Михајло Младеновиќ во првата фаза одигра одлично, а голманот Благојче Трајкоски уште од почетокот покажа дека е исклучително расположен за игра и дека ќе биде силно оружје и поддршка на одбраната.
РК Алкалоид поведе со 5-2, 8-4 а при резултат 11-5 во дваесеттата минути веќе втор пат го принуди тренерот на гостинската екипа да бара тајм аут. Во 25 минута, РК Алкалоид водеше со максимални седум гола разлика (13-6). Во продолжението на натпреварот, поискусниот гостински состав успеа да влезе во ритам и до полувремето постигна четири гола, а на одмор се замина со резултат (13-10).
Во второто полувреме, во првите десет минути РК Алкалоид одржуваше предност од два до три гола разлика, но во 41 минута, гостите за прв пат на средбата успеаја да израмнат (15-15). Одговорот на нашиот тим беше три гола во серија и ново водство од 18-15.
Натпреварот влезе во завршната фаза, а гостинскиот состав во 56 минута успеа да стигне и до водство 21-20. Тоа беше првото и единственото водство за Вардар, РК Алкалоид постигна уште два гола до крајот на мечот и успеа да го одбрани својот гол за голема победа од 22-21.
Благојче Трајкоски имаше 15 успешни интервенции, а на листата на стрелци најдобро котираше Мартин Серафимов со седум гола. По три погодока запишаа Божидар Илиески, Михајло Младеновиќ и Дарио Кофилоски.