Вести

Заокруживме уште една успешна сезона!

-->

Зад нас е уште една успешна сезона, трета по ред и резултатски најуспешна. Сезона во која се докажавме на сите полиња, прв пат и надвор од границите и го направивме посакуваниот чекор во стратегиската определба да растеме и напредуваме без да прескокнуваме скалила и да бараме полесен и пократок пат кон успехот.

Во сезоната што измина освоивме победнички пехари во сите возрасни категории, го имавме својот прв настап во Европа, во силната ЕХФ Европска лига и се радувавме на првиот освоен бод и на првата европска победа.

Првиот дел од сезоната го завршивме со максимални 14 победи и доминантно го освоивме првото место пред Плејоф разигрувањето. Во овој дел од сезоната настапивме и во ЕХФ Европската лига каде ги освоивме и првите бодови од дуелите со реномираната екипа со долга традиција од Шпанија, екипата на БМ Логроњо Ла Риоха.

Во Плејоф шампионатот на Македонија го освоивме третото место на конечната табела. Позиција од која одново следната сезона ќе играме во Европа, овој пат во ЕХФ Куп.

Најголемата сатисфакција и награда за количеството на вложен труд од сите структури во клубот, истрајноста и исправноста на определбата да се натпреваруваме со домашни ракометари ја добивме на крајот на сезоната.
Прво преку репрезентативниот настап на нашите ракометари кои покажаа дека има голем напредок и изнесоа голем товар во националниот тим кој обезбеди пласман на уште едно Светско првенство.
Потоа потврда за квалитетот добивме и на клупско ниво, во Куп на Македонија. Таму со победите над РК Вардар 1961 во полуфиналето и победата над РК Еурофарм Пелистер во финалето стигнавме до првиот пехар во сениорска конкуренција.

Голема сатисфакција добивме и од вложувањето и работењето со младите категории на играчи. По само три сезони, остваривме комплетна доминација во младинските категории.
Пионерите на РК Алкалоид се шампиони на Македонија, кадетите на РК Алкалоид се прваци на Македонија и младинскиот тим на РК Мулти Есенс е нов државен првак на Македонија.

Успеавме на цела плејада на млади ракометари да им всадиме професионални работни навики и победнички, шампионски ген и да ги внесеме во системот што се гради и надградува. Очекуваме нивниот пат да биде поплочен со успеси и на клупско и на репрезентативно ниво претставувајќи ја Македонија на големата сцена, почнувајќи од летово и настапите на ЕХФ Еуро во кадетска и јуниорска конкуренција.

Заокружуваме успешна сезона и веќе почнуваме со организација и надградба за следната година во која нѐ очекуваат низ нови предизвици. Ќе бидеме спремни за сите, ќе продолжиме по зацртаниот пат и ќе растеме од година во година.

Посебно им се заблагодаруваме на нашите фанови кои се сѐ побројни, ја полнат салата на сите натпревари и постојано ни даваат поддршка. Ви Благодариме и ви закажуваме повторно дружење во нашата сала во Автокоманда.