Вести

РК Алкалоид со донација на компјутерска опрема за ОУ „Круме Кепески“ во Скопје

Со донација на компјутерска опрема за Основното училиште „Круме Кепески“ во Скопје, РК Алкалоид ја истакна својата заложба за придонес во активностите за општествена одговорност за подобрување на условите за правилен развој и за квалитетно образование на младите.

РК Алкалоид е формиран со главна цел  промоција на спортот, поддршка на младите ракометни таленти и развој во врвни играчи. Освен стремежот за овозможување квалитетен и напреден тренажен процес на младите таленти и за нивно развивање во врвни ракометари, клубот во своето дејствување се залага и за здрав начин на живот на младите и за квалитетно образование.

Изминатата година клубот им посвети посебно внимание на најмладите, преку отворање свои ракометни школи во Скопје и во неколку градови во Македонија, кои во првата сезона броеја повеќе од 500 деца. Една од школите на клубот своите тренинзи ги реализираше токму во спортската сала на Основното училиште „Круме Кепески“ во Кисела Вода, од каде што произлезе идејата за донација на компјутерска опрема, со која ќе се придонесе за подобрување и за унапредување на условите во образованието на учениците и на младите.

Kомпјутерската опрема се состои од: 10 десктоп-компјутери во комплет со монитор, тастатура, глувче, слушалки и со камера; 3 лаптопи, 4 печатачи, 2 скенера, 6 монитори, 2 ранци и 15 торби. Во согласност со потребите на училиштето, опремата е наменета за опремување на кабинетот по Информатика за учениците во училиштето, со што ќе се овозможи квалитетно реализирање на секојдневните задачи и унапредување на образовните активности во делот на информатичкото образование.

Горан Минов, претседател на РК Алкалоид, му ја додели донацијата на Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Општина Кисела Вода.

Во односите со заедницата не е доволно само да бидеме добар сосед, туку треба да бидеме и добар партнер. Преку поддршка со разни проекти и преку голем број активности, клубот и натаму ќе се труди да придонесе за подобрување на постојните или за иницирање нови начини за враќање кон нашата заедница во делот на спортот, здравиот живот, како и во другите области за правилен развој на најмладите во општеството.

Вести

Кирил Лазаров е нов тренер на нашиот тим

Го официјализиравме поставувањето на Кирил Лазаров за тренер на нашата екипа и ги промовиравме осумте нови ракометари кои летово се приклучија во нашето ракометно семејство.

На прес-конференцијата одржана во Хотелот „DoubleTree by Hilton“ на 23 август, претседателот на клубот Горан Минов пред медиумите ги претстави Кирил Лазаров и новите играчи и зборуваше за целите на клубот во новата сезона.

За своите импресии, очекувања и планови за следната сезона зборуваа и Кирил Лазаров, капитенот Игор Ѓоргиев и репрезентативното засилување Никола Маркоски.

Погледнете ги видеото и фотогалеријата од настанот.

Вести

РК Алкалоид У16 на турнир во Франција

Во согласност со определбите на нашиот клуб на своите играчи, вклучително и на најмладите, да им обезбеди врвни услови за тренинг и за напредок, РК Алкалоид во периодот од 26 до 28 август ќе ја испрати на турнир во Франција пионерската екипа (под 16 години), поточно екипата од генерацијата 2007.

Организатор на турнирот на кој учествуваат повеќе екипи во разни возрасни категории е екипата на РК Нант, а нашите млади ракометари ќе играат во група со екипите на РК Тулуз од Франција, РК Онис од Франција и на РК Естудијантес од Белгија, како и со репрезентацијата на Бенин и Хихон од Шпанија.

Подоцна РК Алкалоид У16 ќе се вкрсти со екипите од групата А, во која се домаќинот РК Нант, потоа РК Шарт, РК Ливри и РК Зубри.

Влатко Котески ќе ја предводи нашата екипа во Франција, а со себе ќе поведе 15 ракометари.

„Ова е голема работа за овие млади играчи. За сите нив ќе биде прво меѓународно искуство, и тоа на гости кај клуб кој значи многу во врвот на европскиот ракомет. Покрај сите придобивки од таквиот настап, особено ни значи што клубот води грижа за најмладите, кои, ете, ќе добијат шанса да играат против екипи од сиот свет, а покрај искуството ќе можат да направат и споредби и да научат нешто ново“, вели тренерот Влатко Котески.

Вести

РК Алкалоид ќе настапи на „Трофеј Нови Београд“

Продолжуваат подготовките на нашиот тим за постигнување на целосна натпреварувачка форма за натпреварите во Суперлигата во претстојната сезона. По настапот на турнирот во Струга, следен предизвик за нашиот сениорски тим ќе биде турнирот што ќе се одржи во Белград, Србија.

Ќе учествуваме на вториот „Трофеј Нови Београд“, кој ќе се игра во СЦ Вождовац на Бањица, а годинава ќе учествуваат екипите на РК Партизан Белград, РК Динамо Панчево и на израелскиот клуб РК Хапоел Ашдод.

Турнирот ќе се игра според системот раунд робин, односно секоја екипа ќе игра против секоја.

Во првото коло на 25 август ќе играме со екипата на РК Хапоел, следниот ден ќе се сретнеме со екипата на РК Динамо Панчево, а на 28 август, на последниот ден од турнирот, ќе играме со РК Партизан.

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ НА „ТРОФЕЈ НОВИ БЕОГРАД“

25.8.2022 (17:15), РК Алкалоид – РК Хапоел Ашдод

26.8.2022 (19:30), РК Алкалоид – РК Динамо Панчево

28.8.2022 (17:30), РК Партизан – РК Алкалоид

Вести

ИНФОРМАЦИЈА ЗА МЕДИУМИ

Со засилен играчки ростер и со нов тренер, РК Алкалоид го најавува своето учество во Суперлигата во новата сезона. Заокружувајќи ја својата прва сезона со исклучителни резултатски остварувања и без пораз, сениорскиот тим го освои победничкиот пехар во Првата лига, со голема предност пред второпласираната екипа, и обезбеди директен пласман во Суперлигата.

Во пресрет на новата сезона 2022/2023, РК Алкалоид го засилува својот состав со 8 нови играчи, меѓу кои: Јане Цветковски, Благојче Трајкоски, Никола Маркоски, Михајло Младеновиќ, Едвин Омерагиќ, Марко Митев, Давид Димевски и Александар Петковски.

Нов тренер на РК Алкалоид е најголемиот македонски ракометен ас и актуелен селектор на сениорската репрезентација, Кирил Лазаров.

Исправен пред нови предизвици, меѓу кои и настапот во најсилната конкуренција, во Суперлигата, РК Алкалоид влегува подготвен во новата сезона, со наменски модифициран и засилен состав, со силна амбиција и со јасна развојна определба, која во преден план го има доброто на македонскиот ракомет. Клубот останува доследен на принципот да расте и да се развива во квалитетна база на млади македонски ракометари, која на долгорочен план би била расадник на домашни ракометни таленти и на идни македонски репрезентативци.

Една од клупските развојни цели за претстојната сезона е континуирана надградба на системот воспоставен со основањето на клубот, во чиј фокус се вистинските спортски, но и животни вредности, кои треба да се развиваат и да се поттикнуваат во еден правилно организиран и професионален спортски систем.

РК Алкалоид својата прва сезона ја заокружи успешно на секое организациско и категориско ниво. Покрај успесите на сениорската екипа, младинскиот тим на клубот стана првак на Македонија, кадетскиот беше финалист на Ф4, а пионерите стигнаа до четврт-финалето. Особено е важно што клубот успеа да состави тим од млади македонски ракометари, на кои им обезбеди современи услови за работа, и што придонесе за зголемување на репрезентативната база во сите возрасни категории.

Сите информации поврзани со РК Алкалоид се достапни на официјалната
веб-страница на клубот:
 
www.rkalkaloid.mk

Веб-страницата е редовно ажурирана со информации и со фотографии за сите натпревари, со новости од клубот, но и со идни планови и проекти.

Екипата на РК Алкалоид за сезоната 2022/2023

Играчи:

1. Јане Цветковски – голман
2. Иван Галевски – голман
3. Благојче Трајковски – голман
4. Дарио Кофилоски – лево крило
5. Давид Димевски – лев бек
6. Едвин Омерагиќ – лев бек
7. Теодор Тодески – лев бек
8. Михајло Младеновиќ – лев бек
9. Божидар Илиески – централен бек
10. Марко Митев – централен бек
11. Игор Ѓоргиев – централен бек
12. Мартин Серафимов – десен бек
13. Михаил Иваноски – десен бек
14. Александар Петковски – десно крило
15. Александар Стојков – десно крило
16. Никола Маркоски – пивот
17. Марко Стојковиќ – пивот
18. Кристијан Симоноски – пивот

Стручен штаб:
Тренер: Кирил Лазаров
Помошник-тренер: Билјана Црвенкоска
Кондициски тренер: Петар Баснарков
Физиотерапевт: Тоше Ристовски

Менаџмент:
Претседател на клубот: Горан Минов
Оперативен директор: Милош Милошевски

Спортски директор: Љубомир Савевски
Технички секретар: Анита Вучидолова