Вести

ЧЕТИРИ НОВИ РАКОМЕТАРИ ВО РК АЛКАЛОИД

РК Алкалоид следната сезона, во која ќе се натпреварува и во Европската лига, ќе има четворица нови ракометари во составот.

Наши нови играчи се репрезентативецот на Македонија, десниот бек Мартин Велковски, младиот пикер Стефан Стојчевиќ, а за првпат во екипата ќе има и интернационалци. Тоа се левото крило Арно Бинго од Франција и голманот од Куба Алехандро Ромеро.

Арно Бинго играчки ќе биде најискусното име во нашата екипа кога станува збор за неговата биографија. Бинго, кој има 35 години, е поранешен репрезентативец на Франција, а во текот на кариерата настапувал за португалските екипи Бенфика и Спортинг, како и за француските Трембле и Монпелје.


Алехандро Ромеро е вториот странски ракометар, голман роден во 1994 година, а стоеше меѓу стативите на Екс Провaнс, во чии редови имаше завиден процент на одбрани. Кубанецот бранеше и за Понто Комбо од Франција, за шведскиот клуб Онередс Аристика и за Порто од Португалија.

Мартин Велковски е 26-годишен десен бек кој доаѓа од тимот на РК Е. Пелистер, а претходно настапуваше за РК Металург. Мартин Велковски има настапувано за македонската репрезентација на ЕП во Хрватска во 2018, на ЕП во Австрија во 2020, на СП во Египет во 2021 и на ЕП во Унгарија во 2022.

Стефан Стојчевиќ е пивот кој има 20 години, висок е 207 сантиметри, а доаѓа од РК Бутел Скопје. Важи за голем ракометен потенцијал, кој ќе добие одлична можност за развој во нашиот ракометен клуб, чија стратегија уште останува истата – афирмација на најдобрите млади имиња од Македонија.

Со овие четворица играчи нашиот стручен штаб ќе добие повеќе искуство на теренот, проверен квалитет и опции за игра, а тимот ќе стане поконкурентен за настапите во домашната Суперлига и во Европската лига на EHF.

Вести

ЕХФ ги одреди термините за Европската лига

Европската ракометна федерација ги официјализираше термините во кои ќе се играат натпреварите од групната фаза на Европската лига.
РК Алкалоид го започнува натпреварувањето со меч на домашен терен против првакот на Србија, РК Војводина од Нови Сад, на 17 октомври.

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ:

Вести

РК АЛКАЛОИД СТАРТУВАШЕ СО ПОДГОТОВКИТЕ

РК Алкалоид денеска со првиот тренинг формално означи почеток на подготовките за сезоната 2023/2024.
Во претстојната сезона РК Алкалоид, покрај во домашното првенство, ќе се натпреварува и во Европската лига на EHF.
Првиот дел од подготовките ќе се реализираат во Скопје, а потоа екипата ќе оди на базични подготовки во Маврово.
Во вториот дел, од 16 до 20 август, РК Алкалоид ќе настапува на турнирот во Струга 2023, а потоа ќе оди на финални подготовки во Хрватска, каде што ќе игра натпревари со екипите на РК Нексе, РК ППД Загреб, РК Сесвете и со словенечката екипа РК Добова.

Вести

РК Алкалоид ги доби противниците во ЕХФ Европската Лига

РК Алкалоид денеска беше дел од ждрепката за групната фаза на EHF Европската лига. Нашиот клуб ќе игра во групата F во која противници ќе му бидат екипите на:

Бјерингбро- Силкеборг од Данска
Логроњо Ла Риоха од Шпанија
РК Војводина од Србија

Во EHF Европската лига во групната фаза ќе се натпреваруваат 32 екипи кои се поделени во осум групи со по четири тима. Двете првопласирани од секоја група ќе го продолжат натпреварувањето во Главната рунда.

Натпреварите од групната фаза на EHF Европската лига ќе се играат од 17 октомври до 5 декември. EHF дополнително ќе го објави распоредот на натпреварите.

Вести

РК МУЛТИ ЕСЕНС ГИ ПОЧНА ПОДГОТОВКИТЕ

РК Мулти Есенс денеска ги започна подготовките за претстојната сезона. Нашиот клуб оваа година ќе дебитира во најсилната конкуренција на домашната сцена, во Суперлигата. Согласно развојната политика, екипата ќе биде составена од македонски ракометари, дел од нив репрезентативци во младинските категории кои ќе добијат шанса да се развиваат и да напредуваат преку натпреварите со најсилните екипи во земјата.


Првата прозивка ја направи новиот тренер, поранешниот репрезентативец и тренер со интернационлано искуство Иван Марковски, а негов асистент е Миле Бочкаровски.
РК Мулти Есенс подготовките ќе ги реализира во Скопје, предвидено е да учествува на меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“ во Прилеп, а ќе одигра и неколку контролни натпревари.

Вести

Иван Марковски е нов тренер на РК Мулти Есенс

РК Мулти Есенс ја известува јавноста дека за нов прв тренер на екипата за претстојната сезона е назначен Иван Марковски.
Иван Марковски е поранешен македонски репрезентативец со богато играчко резиме, во кое се запишани настапи за повеќе домашни и странски екипи, меѓу кои се РК Пелистер, РК Металург, РК Вардар, РК Метковиќ, РК Загреб и РК Сарагоса.


Во својата тренерска кариера има водено екипи од Франција, Кина и од Катар, а беше тренер и на македонските тимови ХЈС Работник и РК Металург.
Мастер-коуч лиценца има од 2020 година.
Помошник на Иван Марковски ќе му биде тренерот Миле Бочкаровски.