Вести

РК Мулти Есенс без пораз ја заврши сезоната

РК МУЛТИ ЕСЕНС – РК ДРАЧЕВО  40-25 (19:13)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Игор Георгиевски и Игор Наумовски. Делегат: Златко Локвенец
РК МУЛТИ ЕСЕНС: Штаковски, Димевски 5, Димитриевски 2, Д. Узунчев 8, Тричковски 3, Омерагиќ 6, Трајчев 2, Ерманоски, Младеновски 1, Т. Узунчев 1, Продановски, Јорданов 1, Карасманакис 3, Ниновски, Костовски 6, Петковски 2
Седмерци: 4/5 Исклучувања: 4 мин.

РК ДРАЧЕВО: Дабевски 2, Ристовски 2, Божинов 1, Димов 1, Стојанов 2, Петковски 7, Стојановски, Андовски, Ангеловски, Анѓелковски 2, Баздаревски 2, Марџиев, Вељановски, Дука 6
Седмерци: – Исклучувања: 4 мин.

Вечерва беше комплетирана првенствената сезона во машката Прва лига. Актери на последниот натпревар сезонава во оваа конкуренција, беа ракометарите на РК Мулти Есенс и РК Драчево. 
РК Мулти Есенс вечерва ја запиша својата 17 победа и шампионатот го заврши без пораз, обезбедувајќи уште многу претходно пласман во повисок ранг, во Суперлигата, од позиција на нов првак на Првата лига. 

Вечерва сѐ беше решено мошне брзо, откако нашите ракометари со силен ритам на почетокот на натпреварот направија разлика од шест гола (8-2). 
Потоа ритамот се смири, но разликата со мали осцилации од гол два остана до крајот на полувремето кое заврши со резултат 19-13 за РК Мулти Есенс. 

Во вториот дел, нашиот тим немаше проблеми за да го одржи водството. Напротив, по петнаестина минути игра разликата веќе беше двоцифрена (28-18), а до крајот на натпреварот, момците предводени од Бранко Ангеловски рутински ја приведоа средбата кон крајот. 

Вести

Пионерите на РК Алкалоид на турнир во Унгарија

Во склад со принципите на нашиот клуб кои подразбираат на најмладите играчи да им бидат обезбедени сите услови за напредок, вклучително и стекнување на искуство со играње на меѓународни натпревари, РК Алкалоид ја прифати поканата на унгарскиот првак ПИК Сегед и ќе го испрати својот најмлад тим на турнир во Унгарија.

Пионерската екипа на РК Алкалоид, тим составен од играчи родени по 1 јануари 2008, ќе учествува на турнирот на Ракометната академија на ПИК Сегед што ќе се одржи во период од 1 јуни до 4 јуни. На овој турнир ќе учествуваат шест екипи од пет држави, а тоа се:
ОТП Банк ПИК Сегед (Унгарија), РК Алкалоид (Македонија), РК ППД Загреб (Хрватска), РК Војводина (Србија), МРК Крка (Словенија) и Ференцварош ТЦ од Унгарија.
Екипите се поделени во две групи, а РК Алкалоид е во група со екипите на ППД Загреб и ОТП Банк ПИК Сегед со кои ќе игра на 2 јуни.
На 3 јуни ќе се играат полуфиналните натпревари, а на последниот ден финалето и натпреварите за пласман.

Младите играчи од овој турнир, на вториот ден ќе бидат предигра за натпреварот од финалето на унгарскиот шампионат на кој во битка за титула се среќаваат учесниците во Лигата на шампионите, ПИК Сегед и Веспрем.

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИ
1.6.2023
14:00 РК ППД Загреб – ОТП Банк Пик Сегед
16:00 Ференцварош ТЦ – РК Војводина
02.06.2023
09:30: РК Алкалоид – ОТП Банк Пик Сегед
11:30: МРК КРКА – Ференцварош ТЦ
13:00: Свечено отворање
14:00: РК Алкалоид – РК ППД Загреб
16:00: МРК Крка – РК Војводина
18:30: ОТП Банк Пик Сегед – Веспрем финале на унгарскиот шампионат
03.06.2023.
12:00: A1 – B2 Полуфинале
14:00: B1 – A2 Полуфинале
16:00: A3 – B3 / Меч за 5 место (прв натпревар)
04.06.2023.
11:00: A3 – B3 Меч за 5 место (втор натпревар)
13:00: Меч за 3 место
15:00: Финале
16:30: Прогласување на најдобрите

Вести

РК Алкалоид е вицепрвак на Македонија!

РК ВАРДАР 1961 – РК АЛКАЛОИД 21-25 (10-12)
Сала: „Јане Сандански“ во Скопје. Судии: Димитар Митревски и Благојче Тодоровски. Делегат: Цане Куртовиќ
РК ВАРДДАР 1961: Ристовски, Јагуриновски, Стоилов, Аларов, Моралес 3, Георгиевски 4, Добрковиќ, Томовски, Лазаревски 2, Талески 4, Дутра 4, Ѓукиќ, Стојановски 3, Маркоски, Мишевски 1, Гогов
Седмерци: 3/4 Исклучувања: 12 мин.


РК АЛКАЛОИД: Трајковски 1, Галевски, Џонов 4, Маркоски 1, Стојков, Младеновиќ 2, Серафимов 6, Илиески 1, Стојковиќ 2, Митев 3, Ѓоргиев 1, Симоноски 2, Омерагиќ, Кофилоски 1, Петковски 1, Савревски
Седмерци: 1/1 Исклучувања: 10 мин.

РК Алкалоид направи голем подвиг и во својата прва сезона во Суперлигата го освои второто место во првенството со што обезбеди и учество во Европската лига и тоа директно во групната фаза од натпреварувањето.


РК Алкалоид во последното коло гостуваше кај екипата на РК Вардар во „Јане Сандански“, одигра борбен, квалитетен натпревар во кој ја покажа својот потенцијал и успеа да победи, со резултат 25-21 и со тоа да го мине РК Вардар 1961 на табелата.

Израмнето беше на почетокот на оваа средба. Домашниот тим само во воведните минути диктираше резултат, но нашиот тим успеа да израмни, а по 15 минути игра имаше и водство од два гола разлика (7-5).


Транзицијата на РК Алкалоид беше одлична, го одбранивме водството и во следните минути ја зголемивме разликата на три гола разлика (10-7), во 20 минута од средбата.
Во финишот на полувремето, за прв пат поведовме и со четири гола разлика (12-8), но пропуштивме две изгледни ситуации за гол пед крајот на полувремето, па на пауза се замина со резултат 12-10 за РК Алкалоид.

И во воведните минути од вториот дел, РК Алкалоид го контролираше резултатот и имаше водство од два до три гола разлика.
Во 47 минута од мечот беше нерешено 18-18, но благодарение во прв ред на нашиот голман Благојче Трајковски, веднаш потоа одново водеше РК Алкалоид (20-18). Мечот доби интензитет, борба се водеше во секој дуел, а Алкалоид поведе со 23-19 во 57 минута од мечот.
Обидите на противникот да направи пресврт беа запрени од нашата одбрана. Во нападот имавме решенија и стигнавме до предност која беше недостижна.

Вести

РК МУЛТИ ЕСЕНС Е КАДЕТСКИ ШАМПИОН НА МАКЕДОНИЈА!

Квалитетната работа, пожртвуваноста и професионализмот вметнат во секојдневната работа од најмлади категории денеска беа наградени на теренот.
Нашата кадетска екипа, РК Мулти Есенс е нов првак на Македонија. Во финалето на Фајналфор турнирот што се одржа во „Автокоманда“, нашиот тим ја совлада екипата на РК Струга со 31-29 и го подигна победничкиот пехар. Претходно во полуфиналето, нашите кадети го совладаа и тимот на ЗРК Голден Арт со 33-24.


Фајналфор турнирот беше круна на настапите на овој наш кадетски состав. Во првенството, РК Мулти Есенс забележа победа на сите 18 одиграни натпревари, а потоа во 1/4 финалето го елиминираше и тимот на ГРК Охрид.
Вкупниот скор од 21 победа на 21 одигран натпревар сезонава е сатисфакција и потврда дека одиме по вистинскиот пат.
Нашите ракометари доминираа и во изборот на најдобрата постава на Ф4 турнирот. Голманот Стефан Јорданов, централниот бек Давид Јаневски и пикерот Јаков Трајковски беа одбрани во најдобрата постава, а Христијан Гурмешевиќ беше прогласен за најкорисен играч.

Вести

РК Алкалоид победи на последниот домашен меч

РК АЛКАЛОИД – РК Е. ПЕЛИСТЕР 2 29-27 (16-14)


Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Ѓорѓи Начевски и Славе Николов. Делегат: Камер Металари
РК АЛКАЛОИД: Цветковски, Галевски (19 одб), Џонов 4, Маркоски 1, Стојков 3, Младеновиќ 1, Серафимов 3, Илиески 3, Стојковиќ 2, Митев 3, Ѓоргиев, Симоноски 3, Омерагиќ, Тодески, Д. Митев, Савревски 5
Седмерци: 4/8 Исклучувања: 8 мин.


Е. ПЕЛИСТЕР 2: Ангелески, Мулиќ, Митревски 1, Јовановски, Димовски, Печурица, Димитровски 4, Талевски 4, Петровиќ 8, Ѓоргоевски 4, Ивановски 2, Буторац, Белистојановски 4, Ристевски
Седмерци: 1/4 Исклучувања: 6 мин.

РК Алкалоид ја запиша својата десетта првенствена победа, вечерва, на последниот меч на домашен терен сезонава.
Нашиот клуб се сретна со екипата на Е. Пелистер 2 и прокнижи нови три бода со триумф од 29-27.

Средбата беше резултатски израмнета во поголемиот дел, а тренерот Кирил Лазаров во ротацијата им даде шанса на повеќе играчи. Предноста на РК Алкалоид по првото полувреме изнесуваше два гола разлика (16-14), а по израмнетиот старт на второто полувреме, нашиот тим влезе во подобар ритам и по нерешените 18-18 со серија од 5-0 дојде до водство од 23-18 што практично значеше и победа.
Водеше Алкалоид и со 28-22, пред гостинскиот состав, во самиот финиш, да ја намали разликата, но без реална опасност за нашата победа.

Голманот Иван Галевски со 19 интервенции го одбележа овој натпревар. Десниот бек Давид Савревски со пет постигнати гола беше најефикасниот играч во нашиот тим.

Во последното коло, на гостински терен, во меч за второ место на табелата ќе играме против екипата на Вардар 1961.

Вести

РК Мулти Есенс и РК Аеродром ги поделија бодовите од дербито

РК АЕРОДРОМ – РК МУЛТИ ЕСЕНС 27-27 (14-17)

Екипата на РК Мулти Есенс во претпоследното коло од шампионатот одигра нерешено 27-27 со екипата на РК Аеродром на меч што беше дерби на колото, воопшто и во овој дел од првенството.
Нашиот тим пред две кола го подигна шампионскиот пехар и го верификуваше пласманот во повисокиот ранг, а на натпреварот со Аеродром играше за задржување на низата на победи.


РК Мулти Есенс го контролираше резултатот во текот на целиот натпревар, во второто полувреме водеше и со четири гола разлика (21-17, 22-18), но во финишот, домашните успеаја да израмнат. Последниот напад беше за нашиот тим, но домашните се одбранија со истекот на времето.
РК Мулти Есенс и натаму е единствениот клуб во прволигашката конкуренција без пораз, сега со нов скор од 16 победи и еден нерешен резултат.
До крајот на првенството, нашиот клуб ќе одигра само уште еден меч, со третопласираниот тим на РК Драчево на домашен терен во „Автокоманда“.