Вести

Кадeтите на РК Алкалоид вицешампиони на „Зимскиот куп“

Зимската пауза е завршена. Сите екипи под закрилата на РК Алкалоид се во тренажен процес, а нашиот кадетски тим во стратегиски зацртаниот проект за развој и за напредок на млади играчи, по настапот во Нант, продолжува со играње на меѓународни турнири.

Кадетската екипа на РК Алкалоид учествуваше на меѓународен турнир за ракометари родени 2007 г. и помлади. Турнирот „Зимски куп“ се одржа во Високо, Босна и Херцеговина, а учествуваа шест екипи.

РК Алкалоид го освои второто место, а победник на турнирот е екипата на РК Војводина од Нови Сад. Пред финалната пресметка РК Алкалоид ги совлада екипите на РК Задар (35 : 25) и на РК Какањ (35 : 10), а во полуфиналето беше подобар и од екипата на РК Слобода Тузла (30 : 19).

Тренерот Влатко Котески е задоволен од пристапот и од прикажаното на овој турнир.

„Имавме добар настап гледано од повеќе агли. Младите играчи се однесуваа како вистински професионалци, па беа пофалени од сите тренери за начинот на кој се однесуваа и на теренот и надвор од него.

Ова беше важно искуство за сите. Мислам дека само со вакви натпревари може да се напредува. Ги уриваме сите пречки, а можевме да видиме и до каде сме во однос на врсниците од Балканот. Во тој поглед слободно можам да ти потврдам дека имаме млади играчи кои се на вистинскиот пат, меѓу најдобрите на Балканот.

Нашиот клуб е организиран подобро безмалку од сите клубови каде што ќе се појавиме. Во комуникација со сите други тренери од другите екипи добивме комплименти за играњето модерен ракомет со брза транзиција во нападот, со брзи пасови, со добри шутеви од сите позиции и со добра одбрана.

Видовме на што треба да обрнеме внимание во иднина – делови од играта какви што се дуелите еден на еден и два на два и уште други работи, но најважно е што имаме знаење, храброст, желба и мотивација. Настапот на овој турнир е драгоцено искуство за сите играчи. Така растат во вистински играчи, кои во вистинско светло го претставуваат нашиот клуб РК Алкалоид.“

Вести

РК Алкалоид ги промовираше базата, дресот и химната

Денеска, 24.12.2022, на голем настан, заедно со нашите ракометари, пријатели, навивачи и поддржувачи, пред јавноста и пред медиумите го промовиравме нашиот ракометен дом, салата „Автокоманда“. Салата е целосно реновирана според високите стандарди. Реновирани се фасадата, теренот, осветлувањето, соблекувалните, покривот, озвучувањето и трибината.

Со овој проект одиме чекор напред кон обезбедување врвни услови во кои ќе се градат професионални ракометари, но ќе се промовираат и вистински спортски вредности за најмладите. РК Алкалоид останува доследен на принципот да расте и да се развива во база на квалитетни македонски ракометар, која на долгорочен план би дала македонски репрезентативци.

На настанот премиерно се емитуваа и се промовираа нашата клупска химна и видеоспотот за неа. Во рамките на настанот беа промовирани новите дресови во сина и бела комбинација, со кои РК Алкалоид ќе игра во втората полусезона на Суперлигата.

Вести

Со вложување во најмладите итаме кон реализација на нашите цели

Особено задоволство ни претставува кога можеме да ги поддржиме нашите најмлади во нивните обиди да живеат и да растат здраво и да се занимаваат со спорт. Основната задача која произлегува од целите што ги поставивме е создавање на врвни услови за талентираните ракометари максимално да ги развијат своите потенцијали и да постигнат најдобри резултати во младинските категории, а потоа да го пренесат тоа и во сениорската конкуренција.

Веруваме дека преку едукација и преку стручно усовршување е можно позначајно да се унапреди системот и да се очекуваат повисоки и врвни резултати од нашите спортисти во наредните години. 

РК Алкалоид годинава создаде поголема база, која, во согласност со амбициите и со целите, ќе се проширува и ќе се модифицира. Оваа година во нашиот спортски колектив имаме две пионерски, две кадетски екипи и една младинска екипа, со што вкупно имаме пет младински екипи, во кои настапуваат 98 пријавени ракометари. 

Овие играчи се натпреваруваат во три младински категории, а во моментов во младинската и кадетска категорија нашите екипи се на првите места.

РК МУЛТИ ЕСЕНС ПИОНЕРИ

РК МУЛТИ ЕСЕНС КАДЕТИ

РК АЛКАЛОИД ПИОНЕРИ

РК АЛКАЛОИД КАДЕТИ

Вести

Градиме иднина. РК Алкалоид ја зголеми базата на играчи во младинските категории

По успешната прва сезона во системот на натпреварување на Ракометната федерација на Македонија, РК Алкалоид продолжи да се усовршува и да го зголемува своето ракометно семејство со проширување првенствено на младинските категории.

„Моја и наша заедничка цел како тим е децата да ги направиме не само спортисти, туку да ги изградиме и како личности кои ќе бидат пример во нашето општество и подготвени да одговорат на сите предизвици во животот. Може слободно да се пофалиме дека имаме најмногу млади играчи во сите селекции на ниво на цела Македонија“, вели Влатко Котески, координатор на младинските селекции и школи на РК Алкалоид. „Во школите децата се запознаваат со првите ракометни чекори и елементи, спортуваат, се дружат, но ги учиме и на спортска дисциплина и на меѓусебно почитување и тимска работa“, вели Котески.

„Тие деца со тренинг, работа и со посветеност понатаму се селектираат во пионери, кадети и во младинци. Имаме отворено школи за ракомет РК Алкалоид на ниво на цело Скопје (Центар – ’К. Глигоров’, К. Вода – ’Круме Кепески’, Гази Баба – ’К. П. Мисирков’, ’Вера Јоциќ’ и ’М. А. Ченто’), Свети Николе и Тетово, а во блиска иднина ќе се прошириме и во Аеродром – ’Љубен Лапе’ и во Карпош – ’Петар Поп Арсов’, ’Л. Трповски’ и ’Х. Т. Карпош’“.

„Во сите наши селекции во системот на РФМ се пријавени 98 играчи, кои се регистрирани во 5 младински екипи и кои ќе играат во 3 натпреварувачки лиги:

РК Мулти Есенс У18 – младинска екипа за играчи до 18 години, кои ќе се натпреваруваат во Младинската лига;

РК Алкалоид У16 – кадетска екипа за играчи до 16 години, кои ќе се натпреваруваат во Кадетската лига;

РК Мулти Есенс У16 – кадетска екипа за играчи до 16 години, кои ќе се натпреваруваат во Кадетската лига;

РК Алкалоид У14 – пионерска екипа за играчи до 14 години, кои ќе се натпреваруваат во Пионерската лига;

РК Мулти Есенс У14 – пионерска екипа за играчи до 14 години, кои ќе се натпреваруваат во Пионерската лига.“